Се навестува широка коалиција за реформи и за името


Владата е заталкана и води погубни економски политики. Со секој изминат ден се потврдуваат сомненијата дека функционерите на СДСМ или свесно ги лажеле граѓаните или се целосно неспособни да реализираат што било од ветеното во текот на кампањата. Катастрофата е иста и на локално и на централно ниво. Во притвор се уставобранителите, а на слобода се криминалците кои СДСМ ги ослободи.

Ова е заклучокот од саботната седница на централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржан во седиштето на партијата. Наспроти ваквата реторика, сѐ погласни се шпекулациите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го помага работењето на актуелната влада со тоа што ќе стане дел од неа. Имено, низ политичките кругови се зборува дека до почетокот на летото во земјава ќе биде создадена широка коалиција меѓу сите партии што се дел од парламентот. Нивна задача ќе биде да ги протуркаат сите закони и реформи битни за европската иднина за земјата, како и најважното: да го поддржат евентуалниот компромис за името. Според овие шпекулации, мачењето на власта да обезбеди кворум и стабилност на Владата, недоразбирањата со законот за јазици, апсењата на пратениците и поддржувачите на опозицијата ќе влезат во пакетот преговори, при што секоја страна ќе добие нешто, но ќе мора и да голтне понекоја „жаба“. „Проектот“, наводно, е подржан од меѓународниот фактор, кој е незадоволен од спроведувањето на реформите 3-6-9, односно е свесен дека горливите прашања мора да се решат со поддршка на сите политички фактори во земјава. По решавањето на спорот со Грција, влезот во НАТО и започнувањето на преговорите за членство во Европската Унија, партиите ќе бидат „ослободени“ и наредната година, заедно со претседателските избори, би се организирале и вонредни парламентарни, на кои граѓаните би се определиле кој сакаат да ги води.

Засега ниту една од политичките партии официјално не потврдува дека се врши притисок за формирање широка коалиција. Сепак, извори од нивните редови тврдат дека претставниците на водечките партии се во секојдневна комуникација. Како пример се посочува минатиот четврток кога беше одложена парламентарната седница за законот за јазици, па собранискиот спикер им даде една недела на партиите да се договорат.

Таа работа е завршена, истата вечер двајца видни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ беа во кабинетот на Џафери. Партиите соработуваат меѓусебно, тоа им е наложено од ‘горе’, а тоа што се критикуваат секојдневно е само поради фолклор и заземање подобри позиции пред изборите“, брифираат извори од Собранието.

Во двете најголеми партии во земјава демантираат дека ќе создадат заедничка Влада. Од СДСМ велат дека средбите на нивниот лидер Зоран Заев со Мицкоски се јавни и транспарентни и оти со колегите од ВМРО-ДПМНЕ се договара нивните пратеници да се вклучат во работата на Собранието, да се откочат демократските процеси и да се изгласаат реформските закони. Признаваат дека соработката оди многу подобро откако на чело на најголемиот политички противник не е повеќе Никола Груевски. И во ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека до нив не стигнала никаква понуда за широка коалиција и оти станува збор за шпекулација.

Сепак, сакам да кажам дека и да стигне таква понуда, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја одбие. Нашата цел е да победиме на следните парламентарни избори и да донесеме политики и вредности кои ќе ја носат Македонија напред“, ни изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Аналитичарот Роберт Несими оценува дека евентуалното формирање широка владина коалиција би било исклучиво по барање на меѓународната заедница со цел да се добие поддршка за решавање на спорот за името.

За другите работи, односно гласањето на реформските закони, нема потреба од широка коалиција. Притоа, сметам дека сите политички партии што се дел од Собранието треба да бидат дел од неа, а не само одредени. На пример, вратата да не им се отвори единствено на ВМРО-ДПМНЕ и на Беса, оти во тој случај надвор би останале околу 100.000 албански гласачи, кои на минатите избори ги подржаа Алијансата на Албанците, ДПА и крилото на Беса што нема да влезе во Владата. Сметам дека таква разврска е можна само поради евентуалниот компромис за името со Грција и под услов за шест месеци подоцна да се оди на вонредни парламентарни избори“, анализира Несими.

Тој смета дека работата ќе зависи од ВМРО-ДПМНЕ и од нивната подготвеност за влез во таква влада бидејќи, според него, СДСМ и ДУИ одлично се согласуваат и оти последната „кавга“ за законот за јазици е само театар за јавноста. Вели дека токму овој Закон, кој дигна прашина во јавноста и епилогот од него, ќе покаже дали партиите договараат широка коалиција или секој ќе продолжи да игра по свое.

Горан Адамовски