Се бара гувернер по сечиј вкус


Името на следниот гувернер на НБРМ е сѐ уште во сферата на политичките калкулации и шпекулации, иако поминаа точно седум години од изборот на досегашниот носител на оваа функција, Димитар Богов. Тој беше избран за гувернер на 16 март 2011 година, единствено со гласовите (62) на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, а ја презема функцијата два месеца подоцна, што значи дека околу 20 мај му истекува мандатот.

На претседателот Ѓорге Иванов му се погоди вторпат да даде предлог за прв човек на НБРМ, но овој пат тоа треба да го направи во поинаква политичка констелација во споредба со 2011 година. Тогаш Иванов го трошеше својот прв мандат, а ВМРО-ДПМНЕ имаше апсолутно мнозинство во Собранието, така што предлогот за Богов помина и покрај противењето на ДУИ. Сега шефот на државата треба да обезбеди согласност од СДСМ и ДУИ за да може да го протурка своето решение за гувернер.

Од кабинетот на Иванов велат дека претседателот не се консултира со политички партии, туку со релевантни фактори, така што ќе постапи според Уставот и законите.

„Претседателот Иванов како и досега, така и во иднина, ќе се води исклучиво од квалитетот и професионалноста на личноста што ја предлага, со цел Македонија да добие гувернер што најодговорно ќе ја извршува оваа многу значајна функција во државата за време на неговиот мандат. Во изминатите два месеца, Иванов извршува консултации со релевантни фактори од оваа област. Во овој процес претседателот не консултира политички партии и ќе постапи согласно уставните надлежности“, велат од претседателскиот кабинет.

Освен што посочуваат на двомесечни консултации околу името на новиот гувернер, од кабинетот на Иванов не прецизираат кога предлогот би бил официјализиран и испратен до парламентот.

Во политичката јавност, во последните денови, се вртат повеќе имиња на банкари, политичари и познати економисти, како можни наследници на Богов на гувернерската позиција. Сепак, проценките се дека, со оглед на кохабитацијата меѓу Иванов и новата владејачка постава, ќе се оди на компромисно решение кое би било прифатливо и за двете или поточно за трите страни, ако се има предвид дека овој пат без ДУИ тешко ќе може да се избере првиот човек на најважната монетарна институција во земјава. Затоа, како еден од најсериозните кандидати се споменува Фатмир Бесими, кој е моментно советник на премиерот Зоран Заев, ама како кадар на ДУИ има долг функционерски и министерски стаж (во повеќе ресори) и во владите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Отворена е можноста и за уште една номинација на Богов. Меѓутоа, прашање е дали тој би бил прифатливо решение за парламентарното мнозинство, поради контроверзиите околу неговиот експресен избор – без никаква расправа, во март 2011 година. Во тој период тогаш опозицискиот СДСМ го бојкотираше парламентот, а и владејачката ДУИ отсуствуваше од седницата, откако претходно инсистираше Иванов да го повлече предлогот кој го доставил без консултации со парламентарните партии.

Исто така, се спомнуваат и актуелниот заменик-министер за економија Кире Наумов, поранешните потпретседатели на СДСМ, Ванчо Узунов и Зоран Јовановски и академик Абдулменаф Беџети. Сепак, прашање е колку секое од овие имиња би можело да претставува компромисно решение за „трилингот“ Иванов – СДСМ – ДУИ.

Наследникот на Богов ќе биде петтиот гувернер на НБРМ од осамостојувањето на државата. Пред Богов, а почнувајќи од 1992 година, оваа функција ја извршуваа Борко Станоевски, Љубе Трпески и Петар Гошев. За разлика од Иванов, кој влегува во последната година од неговиот втор мандат, следниот шеф на државата, веројатно, нема да има можност да предлага гувернер на НБРМ, со оглед на тоа што оваа функција се извршува седум години, а мандатот на претседателот е пет години.

Кохабитацијата функционира на „туркање“

Изборот на нов гувернер е третото, и можеби најспецифично, од низата кадровски решенија што треба да ги усогласат шефот на државата и владејачкото мнозинство.

Во изминатиот период Ѓорге Иванов и Владата успеале да ги договорат имињата на осум од вкупно 15 предложени нови амбасадори што треба да заминат во испразнетите ДКП на земјава. На овој процес му претходеше условување од страна на Иванов идните амбасадори да бидат од редот на професионалните дипломати од МНР. Сепак, Иванов одбил дел од професионалците што му ги предложила Владата, така што засега е постигнат договор за пополнување само осум од испразнетите места.

Првиот кадровски компромис е постигнат со предлозите на Иванов за нови уставни судии. Тогаш Иванов го предложи за уставен судија некогашниот критичар на неговите политики – универзитетскиот професор Осман Кадриу. За возврат парламентарното мнозинство гласаше и за Дарко Костадиновски да стане член на Уставниот суд, иако СДСМ имаше забелешки дека овој предлог на Иванов е непринципиелен, со оглед на тоа што кандидатот беше личност од претседателскиот кабинет, без претходно искуство во областа на правосудството.

Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во неодамнешното интервју за „Независен весник“ оцени дека кохабитацијата не е лесна, ама дека Владата одбрала политика на отворени врати и трпеливост.

„Имаме разлики по одредени прашања, меѓутоа покажавме дека знаеме да седнеме и да разговараме. Најлесно е да дозволиш кавги, полесно е да најдеш решение“, изјави Шекеринска.

Иванов, исто така, досега го нема свикано Советот за безбедност во нов состав. По смената на власта, сега членови по функција во овој Совет, што го предводи шефот на државата, покрај Шекеринска, се и премиерот Зоран Заев, спикерот Талат Џафери и министрите за внатрешни и надворешни работи, Оливер Спасовски и Никола Димитров.

Александра М. Митевска