Секое новородено скопјанче ќе добие персонализирано дрво
Секое новоредно бебе во Скопје ќе добие свое дрво во некој од парковите, скверовите, дрворедите…Дрвото на новороденчињата ќе биде посадено во сезонска акција на расположива локација по избор на родителите. Тоа ќе биде персонализирано со плочка на која ќе стои изгравирано името на детето и датумот на раѓање.
Оваа идеја на градоначалникот Петре Шилегов, како едно од неговите предизборни ветувања, денеска е и официјализирана. Град Скопје потпиша меморандум за соработка со ЈЗУ Универзитетска Клиника за гинекологија и акушерство, ЈЗУ Специјалната болница по гинекологија и акушерство – Чаир, Ре-Медика и со Аџибадем Систина.
„Како што ветив во предизборната кампања пред неколку месеци, ja почнуваме реализацијатa на проектот ‘Дрво за секое дете‘. Заедно со ЈП ‘Паркови и зеленило‘ и гинеколошко – акушерските болници, преку овој проект, им овозможуваме на нашите сограѓани да засадат дрво во чест на раѓањето на нивното бебе. Низ годините, секој што засадил дрво ќе може да го следи растот на дрвото заедно со неговото дете“, истакна Шилегов.
Секој оној родител што ќе сака да засади дрво за своето дете, ќе треба по напуштање на родилиштето да се пријави на 071/395-395 каде што потоа ќе ги добие дополнителните информации за овој проект.
Според Шилегов, секој граѓанин на Скопје има право на сопствено дрво на иднина, а влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која непосредно влијае врз здравјето на сите сегашни и идни генерации. „Должни сме да го надоместиме изгубеното зеленило и дополнително да ги зголемиме парковите и дрворедите во сите општини во градот. Нашите сограѓани заслужуваат подобрување на услови за живот, а промената започнува од самите нас. Ние сме пример на нашите деца, внуци, на најмладите. Заедно ќе го направиме Скопје поубаво место за живеење“, потенцираше Шилегов.
Ако секој потенцијален родител одлучи да се вклучи во акцијата „Дрво за секое дете“, во Скопје годишно ќе никнуваат 6.000 нови дрвца.
„Преку овој проект им овозможуваме на нашите сограѓани да засадат дрво во чест на раѓањето на своето бебе, на некој од градските дрвореди, паркови или скверови. На дрвото ќе има плочка каде што ќе го пишува името на детето и датумот на раѓање. Низ годините, секој што засадил дрво ќе може да го следи растот на дрвото заедно со неговото дете“, рече Шилегов.
Деспина Трајковска-Димова