Сезона
Лејла Сабит
Се мешаат мириси од парфем, пот и од скара.
Летото предвреме стигна во Скопје.
Почна сезоната на разголување, на ладни пијалаци, на климa-уреди и криење во сенка.
Сонцето не е пожелно, сите се плашат за својата кожа и не излегуваат од дома без заштитен фактор. Домашен или странски, сеедно.
Никој не сака да седи ниту на промаја, зашто не е здраво, а и животот и кариерата на две стола никогаш не завршило со арно.
На испит е нашата хигиена, нега, топ-форма, еколошката и политичката свест.
Топлото време ги открива нашите маани, нездрави навики, несовршености, (не)културата на живеење, однесување и возење.
Некој пие кафе во ладовина, некој ги пцуе сообраќајните метежи, некој не се капе, некој само коментира, а не работи, а некој работи, а само молчи.
Почнаа кавгите дали да лади климата, дали да се отвори прозорец, некому му дува, некому му е топло, а некому му мириса.
Сите го фрлаат или го изговараат, а никој не сака да го исчисти ѓубрето пред домовите, од населбите, од парковите, од планините и од устите.
Македонија и понатаму тоне во нечистотија.
Духовна, еколошка и орална.
Некогаш не е само до државата и до амбасадорите, туку и до нас.
Какви сме дома, такви сме и на работа и во природа.
Време е за летна реконструкција, политичката e следна на ред!