Север е страна на светот, а не нација
Ерол Ризаов
Кои се осумте најголеми лаги и како да ги препознаeте големите лажговци и нивните манипулации со мотиви да не успее референдумот, Македонија да не биде членка на ЕУ и на НАТО.
Прво, ако некој каже дека потпишаниот договор со Грција е капитулација, веднаш да знаете дека е лажго. Ништо нема да изгубите ако го изгаснете, или прерипнете со далечинското, избришете го истиот миг ако ви продава патриотизам, како дилер дрога тврдејќи дека ќе бидете среќен со поништување на договорот и дека тоа било спас за Македонија. Не полемизирајте со нив, тоа е залудно потрошено време. Таквите луѓе не нудат ни решенија, ниту други алтернативи. Тие знаат само да манипулираат и тоа многу успешно цели 27 години бидејќи нудат отров спакуван како мелем за незалечени рани. Главни идеолози на тезата за предавство на Македонија се тие што ја ограбија и државата и граѓаните и ги донесоа на питачки стап.
Второ, со промената на Уставот во суштина името на државата не се менува. Останува името Македонија, како и досега, од основањето на парламентарната држава од 1944 година до денес и во иднина. Македонија добива нова додавка, како и неколку претходни, овој пат северна, што значи страна на светот, а не име на државата и припадност на нација. Меѓу северна, федерална, народна, социјалистичка и поранешна југословенска, се разбира има разлики, но има и една непроменлива константа. Сите тие придавки имаат описно и различно значење, но во сите случаи останува името Македонија со единствено значење. Непроменливо. И граматички, и суштински, и како име на држава, и како национална припадност. Географската додавка северна, напишана по зборот република, или пред зборот република е дел од компромисот и од отстапката што ја прават двете страни за разграничување на географската област Македонија која припаѓа на четири држави, но само една е запишана во регистарот на ОН со името Македонија. Тоа е нашата држава, сè друго со тоа име не означува држава, не означува национална припадност на други народи, ниту нивно државјанство.
Трето, националната припадност Македонец не е воопшто предмет на договорот со Грција. Никој никаде не забранил, ниту може да го забрани правото на самоопределување. Тие што тврдат дека Македонците ќе станат „Северномакедонци“ или се жртви на манипулации и на примитивен популизам, или се ангажирани партиски луѓе кои прават лош амбиент во земјата против виталните интереси на својата татковина и нејзиниот опстанок и иден развој. Во договорот никаде не е спомната национална припадност „Северномакедонец“. Такво нешто не постои ни кај нас ни каде било во светот. Не верувајте им на тие што тврдат дека и тие се за ЕУ и за НАТО, ама не под вакви услови. Лажат. Досега 27 години тоа не беше изводливо. Нема да биде ни наредните 27 години.
Четврто, а по мое прво. Македонскиот јазик и секоја буква творештво и наука, секоја книга, песна приказна и гатанка, секој документ што е напишан и приопштен во усните преданија на македонски и што ќе биде пишуван и кажуван за век и веков останува на македонски јазик, што е најзначајното обележје на еден народ и најсилниот и најпрепознатлив идентитетски предзнак.
Петто, македонско државјанство, или националност која треба да биде запишана во личните и патните документи на граѓаните. Тука се појавија безброј манипулации и толкувања на експерти и учени и недоучени лингвисти, дури и на амбициозни познавачи на граматиката и правописот на скандинавските земји и на Германија, ептен загрижени како таму ќе нè именуваат и пишуваат, споено или одделно. Кај повеќето од овие експерти забележав дека не си го знаат добро мајчиниот јазик ниту, пак, обрнуваат внимание на правописот и граматиката, а најмалку на тоа како ние ги пишуваме и именуваме истите тие земји.
Државјанството е македонско/граѓанин на „Република Северна Македонија“. Ова да не беше предмет на договорот и дел од компромисот, ние самите треба да го направиме, бидејќи сите сме државјани на Македонија, но сите не сме Македонци, па овој интерпункциски знак „/“ – коса линија, токму и тоа го означува без да нанесува никаков товар, без да навредува никого.
Шесто, како ќе се викаат некои значајни државни национални институции кои сега го имаат предзнакот македонски. На пример, како ќе се вика МПЦ, МАНУ, МРТВ… да и ова е дел од компромисот кој се доживува трагично, иако поголема трагедија е нивното обезвреднување и од страна на политиката, а уште повеќе и од страна на тие однатре кои одамна го деградираа угледот на овие значајни национални институции, токму шурувајќи со политиката. Македонската православна црква има своја вселенска патека и црковни канони по кои ќе го решава своето именување. МАНУ, според составот, одамна е Академија на науките и уметностите на Република Македонија, а сега некои од алејата на бесмртните заедно со простосмртните патриоти се уплашени дека ќе бидат Академија на науките и уметностите на „Република Северна Македонија“. Еве, како можат елегантно да го избегнат тоа. Нека се тргнат од вимето на државата, нека бидат и политички и економски независни, а тоа можат да го платат силните патриоти, нека ги избркаат сите академици од друга националност и редовни и дописни и нека си останат само македонска свечена академија.
За Македонската радио и телевизија не треба да се арчат зборови. Одамна не е ниту македонска, ниту радио, ниту телевизија. Тоа е сечија биртија каде што чурат оџаците на пропагандните фабрики и на полицијата, сместени во зградата која некогаш се викаше МРТ. Таму каде што се заедно телевизија и полиција, најмалку има новинарство.
Седмо, дали со договорот се брише историјата на Македонија, или се бришат лагите и идеологијата од науката која заедно со политиката направи пустош во свеста и на Македонците и на сите граѓани на Македонија. Производството на опиум од националните институции, универзитети и политички кабинети создаде илјадници зависници со лажно историско минато, а го уништи вистинското со кое треба да се гордееме. Наместо словенско со политичка интервенција е стимулирано античко потекло. Наместо да нè научат дека сме биле составен дел на неколку големи империи и царства нè лажеа со векови дека сме биле под ропство. Наместо да ја славиме и изучуваме најголемата победа во историјата кога се положени над 26.000 жртви во темелите на првата сопствена држава, славиме туѓа историја како своја, а не знаеме ниту еден мит од античката историја на Македонија. Тие заблуди и лаги произведени во лабораториите на инстант историчари и политичари треба да се исправат. Историјата не може да се избрише. Се бришат фалсификатите.
Осмо, културното наследство од постанокот на човештвото до денес откриено на денешната територија на Република Македонија е само на Македонија според меѓународните закони и тоа овој договор не го регулира.
Овие осум суштински државни интереси на Македонија се предмет на најголеми манипулации и најопасни за попречување на иднината на државата. Договорот е направен со отстапки од двете страни за да биде одржлив, инаку брзо ќе биде ништовен. Во двете земји има сериозни закани да биде поништен. Загубата во тој случај би била голема и за Грција и за Македонија. Македонија ќе изгуби многу повеќе бидејќи и добива многу повеќе отколку што губи со неговото остварување.