Руски октопод во Македонија


Руското економско присуство во Македонија во последните десет години порасна од минималната почетна точка. Приходите на руските фирми пораснаа четирипати, почнувајќи од 63 милиони евра во 2006, на над 212 милиони во 2015 година. Сепак, тоа е само еден процент од вкупните приходи во стопанството, заклучува влијателниот Центар за изучување на демократијата (ЦИД) од Бугарија во својата анализа за руското економско влијание во Македонија.

Во анализата објавена деновиве се посочува дека иако изгледа мал уделот на руските инвестиции во земјата, само 27 милиони до 2015 година или под 1 отсто, добар дел од нив доаѓаат преку трети земји вклучувајќи ги офшор-зоните, како Кипар или Белизе, така што се затскрива вистинското сопствеништво и влијание врз економијата кое стига до 4 отсто од странските инвестиции. Според анализата, руско сопствеништво или руски врски има зад компаниите БЕГ, „Топлификација“, ТЕ-ТО, „Лукоил“, зад рудник за олово и цинк, при што се тврди дека зад енергетските компании стои ист синџир на сопственици и дека БЕГ е толку фантомска и толку поврзана со другите кои создаваат долгови, поради што е можно Скопје да остане без систем на централно греење. Настрана од овие енергетски компании, на контото на рускиот бизнис ЦИД ги става и бизнисите на Сергеј Самсоненко, од коцкарниците „Бет сити“, преку клубот Вардар, до спортската сала „Јане Сандански“, добиена на 35 години, која е менаџирана од кипарска компанија со врски со компанија во Белизе која, пак, има иста адреса со некои од компаниите на елитата блиска до Груевски. Бугарскиот центар тврди, исто така, дека и компанијата што сакаше да го преземе „Макпетрол“ води до Девствените Острови, а оттаму до руско-израелски и британски бизнисмени, Ури Бидер, Василиј Евдокимов, Александар Каплан и Михаил Черни. Друга кипарска компанија, според анализата, го поседува „Југохром“, а нејзините пипци водат до компанија во Хонгконг. „ Камелот груп“, сопственост на Максим Москалев и Димитри Аграмаков. Да успееја руските бизнисмени да го преземат „Макпетрол“, според анализата, целосно ќе го контролираа енергетскиот пазар во Македонија, при што се напоменува дека во моментов цената што ја наплаќа Русија за гасот од нас е меѓу највисоките во Европа, а земјата е целосно зависна од нејзината испорака.

– Русија предизвикува енергетска зависност на Македонија со контролирање на единствениот плински пат преку Трансбалканскиот гасовод. Иако руското економско влијание во Македонија е многу помалку изразено во споредба со другите земји од Западен Балкан, постои значаен потенцијал за негов раст во иднина, со оглед на руските планирани проекти во енергетскиот сектор во следната декада – се заклучува во анализата на ЦИД.

Бугарските аналитичари посочуваат дека во последните две години Русија ја користи вешто политичката нестабилност во Македонија за да го поткопа нејзиниот евроатлантски правец. Притоа е посочено дека поранешниот премиер Никола Груевски и неговата коалиција имаа клучна улога во зајакнувањето на македонските врски со Русија не само во националниот, туку и во регионалниот енергетски сектор.

– Македонија е целосно зависна од рускиот гас и со цел да стане транзит центар Груевски настојуваше да влезе во два големи проекта под водство на Русија – „Јужен поток“ и „Турски тек“. Русија ѝ дозволи на Македонија повеќе да извезува откако таа одби да се приклучи на санкциите на ЕУ и на САД поради анексијата на Крим, анализира Центарот од Софија.

Најинтересно е што во апсолутни бројки трговската размена меѓу двете земји никогаш не бил поголема од 400 милиони евра годишно, а моментно е 100 милиони евра. Руските директни вложувања во земјата се многу помали од, на пример, австриските вложувања од преку 500 милиони евра. Во последните две години, се наведува во истражувањето на ЦИД, имаше повеќе докази за руските настојувања да ја искористат политичката нестабилност на Македонија и поткопаните евроатлантски перспективи. Во 2017 година, според ЦИД, имаше информации дека руски агенти оперираат во Македонија со цел блокирање на влезот на земјата во НАТО. Според бугарскиот Центар, постојат индикации дека Русија се обидува да го искористи македонскиот енергетски сектор за да оствари доминација во политиката на земјата.

Генерално, анализата покажува дека во Македонија се регистрирани 78 компании со најмалку 25 проценти акции во сопственост на руски ентитети или поединци. Дел од руското корпоративно влијание се канализира преку трети земји, а еден пример е руската рударска компанија „Солвеј“, која во Македонија управува со ископини на олово, цинк и бакар, а службено е регистрирана во Швајцарија. Во анализата стои исто така дека руски бизнисмени се обидувале да влезат на нашиот пазар и преку грчки компании. „Уште еден голем руски оператор на електрани – ТКГ, која го поседува ТЕ-ТО, функционира преку кипарско офшор-посредништво“, стои во анализата на ЦИД.

Примерот со Самсоненко

Во оваа анализа се наведува и примерот со спортскиот и коцкарски бизнис на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, кој е еден од најбогатите поединци во Македонија. Тој, како што е оценето во анализата, изгради цврсти врски со претходната влада на Груевски и неговото опкружување, вклучувајќи моќни македонски претприемачи, како Цветан Панделески и Орце Камчев.

– Еден од клучните примери за руските текови на капиталот во Западен Балкан е мрежата на фирми на Самсоненко во Македонија. Овој руски бизнисмен дојде во Македонија само неколку месеци откако Груевски стана премиер во 2006 година. Наводно Самсоненко имал врски со тогашната владејачка коалиција. Прво, поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, работел како менаџер во бизнисот на Самсоненко со коцкарници, а потоа рускиот бизнисмен се појави во предизборните спотови на ВМРО-ДПМНЕ во 2014 година“, се наведува во анализата на ЦИД.

Оттаму посочуваат дека Самсоненко е сопственик на фудбалскиот и ракометниот клуб Вардар и дека негова најголема инвестиција во земјата е изградбата на спортскиот центар „Јане Сандански“ преку јавно-приватно партнерство на една од неговите компании со Општината Аеродром.

(А.М.М.)