Румен Радев: Треба да направиме се луѓето од двете страни на границата да се чувствуваат како браќа
Позиција што ја зазеде македонското раководство беше пресврната точка. Таа и даде шанса за новата перспектива, кон која ние во Бугарија отсекогаш сме биле отворени. Треба да направиме се луѓето од двете страни на границата – и од Бугарија и од Македонија, навистина да се чувствуваат како браќа, вели бугарскиот претседател Румен Радев во интервју за бугарската агенција БГНЕС, во пресрет на утрешната посета на Република Македонија.
Бугарскиот претседател во интервјуто, од кое МИА пренесува извадоци, вели „покажавме дека освен заедничко минато, ние можеме да имаме и заедничка иднина. Прашањето е како да ги материјализираме сите овие битни моменти, што се најдоа во Договорот за добрососедство“.
Според него, првото нешто што двете земји треба да го сфатат при реализација на Договорот за добрососедство е што по речиси 20 години овој договор стана факт.
-Тоа се должи на напорите на многу дипломати, државници, и општествени дејци од двете земји. Сакам да ги поздравам за нивната навистина самопожртвувана работа, да го поздравам Парламентот на Република Македонија, што го ратификува овој договор, и, се разбира, на Парламентот на Бугарија, но имајте предвид дека ние никогаш под прашање не сме ги ставале братските односи. Но, да не заборавиме дека договорот, сепак, е само парче хартија. Оттука, очекувам во иднина нашите односи да се развиваат многу подинамично, очекувам да се развијат во сите области од взаемен интерес, а тие се многу.
За време на посетата на Радев на Македонија, според најавите, треба да се случи нешто „уникатно“. Во бугарската делегација ќе бидат и двајца митрополити. Како што е познато Македонската православна црква-Охридска архиепископија побара БПЦ да и стане Црква-мајка.
-Одблиску го следам овој процес. Тоа е исклучително во ресорот на црковната дипломатија, ова прашање има однос кон сите сестрински православни цркви. Но, одделни аспекти од него, се разбира, дека можат да бидат предмет и на јавни дебати. До БПЦ упатив покана и Румен Радевсо мене ќе патуваат двајца авторитетни бугарски митрополити – пловдивскиот митрополит Николај и старозагорскиот митрополит Кипријан. Тоа е многу важен знак. Се разбира, веднаш да подвлечам дека е ова прашање кое треба да го решаваат двете цркви. Но, јас длабоко верувам дека претставниците на свештенството и на Македонската православна црква и на БПЦ, ќе ја сфатат својата одговорност и мудро ќе дејствуваат, вели бугарскиот претседател Румен радев во инетрвјуто за БГНЕС.