Румен Радев: Откако станав претседател пилотирав само двапати


Претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, кој изминатите два дена беше во првата официјална посета на Република Македонија, во интервју за МИА говори за себе, своите пасии, мечти, за тоа колку ја знае Македонија.

Кој е приватно првиот човек на нашиот источен сосед? Пилот по вокација, нуркач и рокер по определба. Војник од кариера кој пред да се пензионира како генерал мајор беше командант на бугарските Воено-воздухопловни сили. Со највисоки оценки го има завршено Колеџот за воздухопловни сили на Армијата на САД во Монтгомери, Алабама и на Воената академија „Георги Раковски“ во Софија. Во брак е со Десислава. Има две деца од првиот брак.

Пред да станете претседател Вие бевте врвен воен пилот. Дали ви недостига летањето и дали сте пилотирале откако станавте претседател?

– Летањето секогаш ќе ми недостига. Откако станав претседател пилотирав само двапати, еднаш на покана на американските воено-воздухопловни сили со авион – ловец „Ф15“. Вториот пат на покана на претседателот на Франција, Емануел Макрон, кога пилотирав со француски ловец. За мене летањето не е само симбол на напредокот, ниту е истражување на границите на човечките можности, тоа е магија и тој што еднаш ќе биде освоен од таа магија таа му останува засекогаш во срцето. Летањето е љубов и убавина, начин повторно да се откриваш себеси одново и одново, вели претседателот Радев.

Влеговте во втората година од претседателскиот мандат. Која функција е полесна за извршување – да се биде командант на бугарските Воено-воздухопловни сили или претседател на Република Бугарија?

– И двете функции се многу важни и многу одговорни. Тоа се различни функции и не можам да кажам која е потешка. Сепак, тоа е повик, тоа не е професија. И двете се тешки и одговорни и бараат многу себевложување. Во различни сфери се, но најважно е дека со што и да се занимаваш тоа да го правиш за доброто на својата држава, за својот народ, посочува Радев.

Имате ли време да ги усогласите семејните со државните обврски? Како ви оди тоа?

– Многу е тешко, исклучително тешко. Важно е да постои љубов и разбирање и тогаш сите проблеми се решаваат.

Наоѓате ли време за вашето хоби нуркањето, за музиката, за гитарата…

– За нуркањето за жал сега немам време, но се надевам дека ова лето ќе „украдам“ малку време. За музиката веќе уживам само во слушање, но не и за музицирање.

Кој жанр ви е омилен, имате ли автор кого посебно го слушате?

– Не можам да издвојам посебен жанр кој ми е омилен. Јас почнав да свирам на гитара со класична музика. Се разбира, го сакам и рокот што е нормално за еден гитарист.

Според сите параметри, вие сте успешен човек. Има ли некоја идеја водилка или максима која ви е омилена?

– Дали сум успешен човек за себе е малку тешко да говорам. Критериумите за успех се многу различни во различни сфери. Важно е да имаш внатрешно задоволство во тоа што го работиш и да го даваш максимумот од себеси. Тогаш постигнуваш задоволителни резултати.

Дали е ова ваша прва посета на Македонија и колку знаете за Македонија, за храната, за мелосот?

– За Македонија знам многу, сум учел многу, сум слушал многу, но за жал првпат сум тука. Тоа е многу пропуштено време и треба да го надоместам. Македонија е една прекрасна земја, со неверојатни луѓе. Имав можност шетајќи тука да сретнам луѓе со кои имав исклучително пријатни средби. Ние носиме исти имиња, славиме исти празници, нема потреба од преведување на јазикот, прекрасно се разбираме. Се надевам дека ќе можам почесто да доаѓам тука и веќе му ветив на претседателот Ѓорге Иванов ова лето да се видиме на Охридското езеро кое за мене една голема мечта.