Рецензија: „Светот Јура: паднато кралство“


Игор Поп Трајков

Најновото остварување на франшизата „Паркот Јура“ е навистина изненадување бидејќи ни најмалку не станува збор за рутинирана продукција чија цел е само да ги обие благајните благодарејќи ѝ на славата на оригиналното, првото остварување. Ангажиран е режисер од Шпанија. Во некои други мои написи имам потенцирано дека во Шпанија се разви цел еден филмски жанр инспириран од франкистичката диктатура. Неговите теми најчесто се однесуваат на некоја присилна или несвесна интернација. Инаку, тогаш напишав дека токму авторите од оваа група имаат развиено голем талент и професионалност. И потенцирав дека несомнено авторите од оваа група би можеле да им одговорат на највисоките стандарди во Холивуд.
Еве ова е од еден режисер од оваа група. Ова е најдоброто остварување од оваа франшиза, доколку се одземат првите две продукции чиј автор беше Стивен Спилберг.

Построжените етички стандарди во Холивуд, исто така, придонесоа многу од одговорните функции на продукцијата да бидат пополнети со луѓе блиски на автентичните верзии. Копродуцент е фирмата „Емблин ентертејмент“ (која е на Спилберг и е наречена така според еден негов студентски филм). И стилистички филмот потсетува на првите две остварувања – во начинот на осветлување (пример за ова се сноповите светлина кои декоративно навлегуваат низ прозорците); друг пример е сценариото кое е сатирична иронија). На прв поглед може да ви се причини дека продолжениево е режирано од Спилберг.

Сценариото, чии автори се Колин Треворов и Дерек Коноли, настојува да ја осветли мрачната страна на западната цивилизација, разоткривајќи дека секој дворец (дворецот тука е метафора на западната добросостојба) има подрум. Во подрумите се правеле некакви активности кои се надвор од постоечката законска регулатива. Но ова не е особено автентично. Подрумите (оние во Западот) се инспирација и на, на пр.- неколку пиеси на потписникот на овие редови. Сценаристите ни ја доловуваат сликата на еден нехуман бизнис, кој луѓето ги гледа само како клиенти кои ќе му остават многу пари. Според сатиричната иронија продукцијава навистина се доближува до Спилберг, но сепак беа направени неколку превиди кои да речеме самиот режисер никогаш не би ги направил. На пример, во сцената кога диносаурусот се доближија кон девојчето кое е во кревет, публиката логично заклучува дека сите би требало да се скријат под кревет, но до ова не доаѓа; или секогаш кога некој треба да биде нападнат од диносаурус, диносаурусот е нападнат од друг диносаурус итн. Но затоа пак треба да се признае дека сцената кога ликот се отпарализира од присилната инјекција, а кога лавата напредува кон него е претставена во најдобрата традиција на напнатоста до последен миг.

Режисерот одлично се снашол во сценариото кое бара големо чувство за ритам и непредвидливост. Но исто така и за една деликатна иронија која се состои од тоа дека всушност диносаурусите се извонредни суштества. Некои од нив биле и многу интелигентни, но сепак само ѕверови.
Брус Далас Хауард и Крис Прат во овој продолжеток креираа харизматичен тандем, надополнет со совршениот кастинг и на најмалите ролји; во која спаѓа и раскошното камелеонско појавување на доајенот Џералдина Чаплин. Франсоа Трифо рекол дека и оној што обожава арт-филмови има насушна потреба за филмска разонода. Шармот на актерите и традиционалната жед за авантури се несомнен плус за ова остварување кое ги привлекува сите.