Реконструкција во 100 чекори – надградена и проширена


Александра М. Митевска

Некаде околу 20 февруари годинава премиерот Зоран Заев најави реконструкција на Владата, само два месеци откако ја направи првата интервенција во неговиот кабинет – тогаш поради испразнетите места за време на локалните избори, преземањето на Министерството за здравство и заминувањето на Алијансата на Албанците од „Илинденска“. Од таа негова бомбастична најава поминаа речиси три месеци, во кои реконструкцијата стана дежурна (пикантна) тема во јавноста, добивајќи притоа апстрактни димензии. Во реалноста, пак, се менуваа драстично политичките услови во однос на моментот кога Заев објави дека во неговиот тим имало секакви функционери – кои знаат и се трудат; кои не знаат, ама се трудат да научат; но и такви кои ниту знаат ниту се трудат да научат…

Од оваа временска дистанца, веројатно, ретко кој се сеќава од каде тргна приказната за проветрувањето на извршната власт. Дали од функционерите кои не знаат и не се трудат, или од потребата за проширување на парламентарното мнозинство? Или можеби од намерата да се направи одреден кадровски рез пред првата годишнина од смената на власта и во период кога новата влада не е веќе толку имуна на реакции на незадоволство во јавноста и кога веќе нема простор како порано да ги правда грешките со промашувањата на нејзините претходници.

Како што во шпанска серија постојано се менуваат ликовите и карактерите и се развиваат заплетите и расплетите, така што на крајот ретко кој памети кои биле главните херои и антихерои во првите епизоди, така и на домашната политичка сцена, во овој период, публиката се забавува цело време со разни изјави, претпоставки и нагаѓања за кадровски промени. Во меѓувреме, се сменија две годишни времиња, за на крајот она што беше најавувано како реконструкција на функционерската постава во извршната власт, да почне да наликува на надградба – на советничкиот тим на премиерот.

Како што своевремено ВМРО-ДПМНЕ имаше програма наречена „Преродба во сто чекори“, која потоа стана „Надградена и проширена“, така сега и кадровските проветрувања што ги најави премиерот би можеле да се сместат во некоја платформа што би се нарекла „реконструкција во 100 чекори – надградена и проширена“. Зашто ако на Никола Груевски како премиер му требаа барем четири години да ја спроведе наводната преродба, тогаш на Заев, ако продолжи со ова темпо, можеби нема да му бидат доволни ни четири месеци за да го проветри своето министерско и директорско опкружување. Додека да се случи тоа, можеби ќе треба да се сменат три годишни времиња и половина „публика“ да замине на летувања. Затоа, пак, надградбата на неговата советничка екипа – за секакви можни теми од областа на природата и општеството, како да се одвива со брзина на светлината. Така, секојдневно излегува на виделина по некој нов, па и контроверзен премиерски советник – од типот „не знае, ама се трудi“ – со чии генералии, квалификации и минат труд се занимава јавноста, додека повеќе раководни места во важни институции, како што се ДИК или Антикорупциската комисија, стојат празни.

Не помалку ефикасно од надградбата се одвива и процесот на проширување на мнозинството во парламентот. Притоа за нови партнери неретко се избираат кои било поддржувачи на „режимот“ и критизери на СДСМ во минатото. Ако ширењето продолжи со ваков ритам, опозициската редица во законодавниот дом може да стане преширока за парламентарната опозиција. Што друго може и да се очекува кога сите сакаат да влезат во власта, но никој не сака да излезе од неа. Затоа и реконструкцијата оди многу потешко од надградбата и проширувањето.

Всушност, реконструкцијата, како термин, содржи во себе квалитативен елемент. Затоа кога во политиката се зборува за реконструкција на владата тоа би требало да значи преземање кадровски промени со цел посоодветни и покомпетентни кадри да ги преземат министерските ресори и челните позиции во државните институции во насока на поефикасно спроведување на политиките на владејачката гарнитура. Надградбата и проширувањето, пак, се повеќе квантитативни термини. Во политичка смисла, пак, нивната примена може да биде и ризична – кога се одвива врз нестабилни темели. Во случајов, за таков темел може да се смета владејачката коалиција која се надградува врз основа на разни политички апетити и интереси, а не врз база на програма и идеологии.