Растот на извозот на македонски зеленчук го разлути Косово


Ако Косово истрае на одлуката за воведување заштитна мерка за македонските земјоделски производи, тогаш Македонија ќе воведе контрамерки. Бидејќи од Косово увезуваме главно отпадно железо и амбалажирана вода, рампата ќе се крене за нив, коментираат владини извори за „Независен весник“. Сепак, додаваат дека има голема веројатност, и покрај најавите, мерката за зголемена заштита на косовското производство на овошје и зеленчук, да не важи за Македонија.

Извори на „Независен“ коментираат дека косовската страна била поттикната да преземе заштитна мерка оти не само што Македонија има суфицит во размената, туку дополнително во првата половина од годинава извозот од Македонија на земјоделски производи е зголемен.

Бројките велат дека во 2017 година Македонија извезла 9.400 тони земјоделски производи, во вкупна вредност од 145 милиони денари, или 2,3 милиони евра. Од јануари до јуни годинава, за половина година, извезени се 6.020 тони земјоделски производи што вредносно е 93,1 милион денари или 1,5 милиони евра.

Косовското министерство за трговија и индустрија во петокот одлучи од среда  (18 јули) да воведе привремена мерка за заштита на своето производство на овошје и зеленчук од 30 отсто. Косовскиот министер Бајрам Хасани за косовските медиуми објасни дека увозот на земјоделски производи во Косово е количински толку голем што се заканува да им нанесе сериозна штета на домашните производители на овошје и зеленчук или да направи нерамнотежи на пазарот.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека не добиле официјално известување од Косово за какви било дополнителни мерки. И Македонија  и Косово се членки на ЦЕФТА, што значи доколку некоја држава има намера да воведе некакви мерки, треба да ги најави.

„Во случај ако воведат мерки, ќе ги разгледаме заедно со Царината и Министерството за земјоделство и ќе заземеме став како Влада“, изјави Бектеши, посочувајќи дека во случај на такво нешто за да се одговори реципрочно ќе се направат анализи и ќе се одлучи за мерките.

На листата на земјоделски производи, за кои косовските власти најавија привремени заштитни мерки се најдоа: компирот, доматот, пиперката, краставицата, лубеницата, дињата, раната (пролетна) зелка,  доцната (есенска) зелка, салатата (во сите варијанти), спанаќот, кромидот, морковот, монокултурниот грав, јаболкото, крушката, сливата, црешата, јаготката, малината, капината и пченката.

Анита Салтировска