Ракот на дебело црево – „тивок“ масовен убиец


Канцерот на дебело црево е еден од најподмолните видови рак и еден од првите две водечки причини за смрт поради малигни болести во развиените земји. Во Македонија канцерот на дебело црево е втор по застапеност и кај мажите и кај жените. Бројката на заболени е удвоена: ако до пред десет години беа откривани по 350-400 случаи годишно, сега тој број е по 500-600 новозаболени годишно. Кај две третини од нив болеста е откриена во трет или четврти стадиум, што е потешко за лекување.

Симптоми:
За жал, симптомите за рак на дебело црево не секогаш можат да бидат јасни и многу често се мешаат со симптоми кои водат кон други состојби. Она што е загрижувачко, е фактот дека сѐ повеќе млади заболуваат од овој вид карцином, првенствено поради нездравите навики во исхраната и седечкиот начин на живот. Лекарите како главни виновници за ваквата состојба ги наведуваат храната богата со животински масти, а сиромашна со влакна и дебелината.

Симптоми на развој на болеста кај кои е неопходен лекарски преглед:
– Нарушување на цревната функција – епизоди на дијареја или на запек
– Постојано чувство на надуеност
– Промена во навиките на празнење на цревата
– Крв и слуз во столицата
– Црна столица
– Анемија
– Губење на телесната тежина
– Замор
– Болки во абдоменот

Симптомите се јавуваат кога карциномот е во напредната фаза од болеста. Во раната фаза нема клинички знаци. Понекогаш може да се појават: малаксаност, губење на апетитот, губење на телесната тежина и замор, но овие симптоми не се специфични. Типични тегоби за рак на дебелото црево се промените во ритамот на празнењето, запек и, наизменично, пролив, болки во левата половина на стомакот и над срамната коска во форма на грчеви.
Причина за појава на повеќето од горенаведените симптоми не мора да значи постоење карцином на дебело црево. Но тие се знак дека задолжително треба да се посетите лекар.

Возраст
За развојот на рак на дебело црево, треба многу време, но за среќа во најголемиот број случаи може да се спречи со релативно едноставна постапка за отстранување полипи од дебелото црево – колоноскопија.
Лекарите нагласуваат дека е многу важно, секој кога ќе наполни 50 години, особено мажите, да почнат редовно да се прегледуваат. Се прават тестови на скриена крв во столицата на секои две години, а доколку наодите се позитивни, се прави колоноскопски преглед. Ако има некои крвни сродници, кои боледувале од рак на дебело црево или некои од наследните полипозни синдроми, овој преглед треба да се направи порано. Како гранична возраст се зема 50 години, но тоа не е правило. Има случаи на рак на дебело црево и кај луѓе на 40 години и помалку.

Колоноскопија – златен стандард
Болеста може да се излекува со хируршка интервенција, доколку дијагнозата е поставена во рана фаза. Колоноскопијата претставува златен стандард за брза и безболна дијагноза на канцер на дебелото црево. Во оваа процедура се користи мала камера со која се набљудува внатрешноста на ректумот и на дебелото црево.
Покрај колоноскопијата, дијагностицирањето на ова заболување денес се врши по пат на неколку современи методи, меѓу кои најпознати се виртуелната колоноскопија (3Д-снимка по пат на КТ-скен), зрачење и биопсија, доколку е потребно.
Хируршката интервенција е најчест третман за ова заболување и, за среќа, во последно време, статистиките покажуваат дека стапката на излекување сѐ повеќе и повеќе се зголемува. Доколку канцерот се прошири на другите органи, тогаш хируршката интервенција не е единствена опција, но, сепак, отстранувањето на дополнителните тумори може да ги намали симптомите до одредена мера. Покрај хирургијата, други третмани кои се применуваат против оваа болест се радиотерапијата, биолошка терапија и хемотерапијата.

Како се шири
Основата за развој на карцином на дебелото црево се полипите на дебелото црево. За да се создаде од нормална лигавица полип на дебелото црево, потребни се околу десет години. Секој може да развие полип или карцином на дебелото црево, но некои имаат повисок степен на ризик од другите. Тоа зависи од наследните и од индивидуалните фактори. Во почетокот полипите се бенигни, но со текот на времето добиваат потенцијал да се претворат во малигни. Само 10 отсто од полипите на дебелото црево имаат наследен фактор на раст, додека 90 отсто настануваат со стимулација на локални фактори од цревната содржина, и се јавуваат по педесеттата година од животот. Полипите кои имаат наследен фактор се јавуваат до 50-тата година од животот и се развиваат во рак кај 100 отсто од случаите, доколку не се отстранат ендоскопски или хируршки.
Како и кај другите типови канцер, и кај ова заболување постојат неколку фази. Во првата фаза канцерот го зафаќа единствено внатрешниот ѕид на дебелото црево, додека во последната може да се прошири на многу делови од телото, како што се црниот дроб, белите дробови и коските.