Промоција на „Триптих за Македонија“ од Раде Силјан


Во рамките на манифестацијата „Илинден 2018“ во вторник ( 15.05) ќе биде промовирана книгата „Триптих за Македонија“ од истакнатиот македонски поет, есеист и литературен критичар, Раде Силјан.

-Оваа молитва на Раде Силјан претставува ода на животот, возвишен солилоквиум, едно хумано чувство што предупредува за загрозите што ги носи човекот во себе. Во сето тоа впечатливо е присутна поетичката доследност, плавното стурктурно пеење и прочистениот негов јазичен исказ со сиот негов вокабулар од пробрани зборови, едноставни, сјајни и изѕирни како шурка од поточе тукушто одделено од изворот. Тоа е чистота што обзема, доживеан и умеан подбир на зборови и слики, од првите акроди до финалето на таа ведра и убава мелодија, вели академик Матеја Матевски за најновото поетско остварување на Силјан.

Раде Силјан е роден на 16 април 1950 година во с. Жван, Демирхисарско.
Ос¬нов¬но образование завршил во родното место, гимназија во Битола, а Филолошки факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел како новинар во „Студентси збор“, „Наш свет“, „Железничке новине“ и Радио Скопје. Бил главен уредник на Третата програма на Македонското радио и генерален директор на „Македонска книга“. Исто така, тој е основач и директор на книгоиздателството „ Матица македонска“.
Силјан е член на ДПМ од 1982 година и во два мандати бил претседател на писателската асоцијација, како и Претседател на Собранието на ДПМ.
Силјан е член на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија и на Македонскиот ПЕН центар. Главен и одговорен уредник на едицијата „Македонски искушенија“ и член на редакцискиот одбор за подготовка на издавачкиот проект „135 тома македонска книжевност“. Почесен член е на Македонското друштво за наука и уметност во Битола. Член е и на меѓународната академија „Махаи Еминеску“ во Крајова, Романија и на Славјанската академија во Варна, Бугарија.

Дваесет и четири негови книги се преведени на: англиски, руски, турски, грчки, италијански, бугарски, српски, украински, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, бошњачки и албански јазик.