Промената на името со лошите навики од минатото


Роберт Несими

Минатата недела Македонија повторно докажа дека не е нормална земја која знае да ги реши работите по институционален пат. Со многу помпа во сабота конечно се одржа координативна средба со цел градење консензус за прашањето за името. На заедничка маса седнаа Иванов, Заев, Мицковски и Ахмети, секој придружуван од својата свита. Вообичаено за вакви настани повеќечасовната средба се одржа и заврши нетранспарентно, без никаква важна информација за јавноста. Учесниците дадоа неколку суви изјави со бирократски речник, секој за свои политички цели. Практично кажано, целиот процес се одвиваше тајно, далеку од очите на јавноста и надвор од институциите.
Ако целта на ова средба беше постигнување некаков консензус за името, слободно може да се каже дека потфрли, се разбира не за македонски околности, туку за нормална пракса во нормални земји. Ова од проста причина што од старт е дискутабилен форматот и составот на овој состанок. До ден денес не е јасно зошто на маса седнаа токму овие политичари.
На пример, ако средбата требаше да биде координација на државниот врв, тогаш не е јасно што таму барат Мицковски и Ахмети, едниот без никаква државна функција, а другиот само обичен пратеник. Како државници таму им беше местото само на Иванов како претседател и Заев како премиер, а трет на масата требаше да биде Талат Џафери како претседател на највисоката институција во државата. Евентуално, во улога на референти ним можеше да им се придружат министерот за надворешни работи и државниот претставник за прашањето за името. Во каков било формат отсуството на Џафери е кардинален пропуст и тотална деградација на институцијата претседател на Собрание. Токму неговото отсуство кажува дека овој обид за „консензус“ е тотално вонинституционален и од друга природа.
Алтернативно може да се каже дека не се работи за координација на државниот врв, туку на главните претставници на народот, во обид да се биде посеопфатен. На ваков начин се оправдува присуството на Мицковски и Ахмети, но и во овој формат составот е дубиозен. Во овој случај таму нема место за Иванов, а истото важи и за Џафери, но тогаш е пропуст отсуството на албанската опозиција. Вака изгледа дека за консензус доволно беше да се состанат 99 отсто од Македонците и само 40 отсто од Албанците, занемарувајќи ги околу 130.000 Албанци што гласаа за други партии. Тука разбирлива е желбата претставник на Албанците да бидат ДУИ и Ахмети како докажани фигури кои нема да се спротивстават на ништо, но тоа се коси со простиот факт што на последните избори ДУИ не доби ниту 40 отсто од гласовите на Албанците и нема ексклузивно право да зборува во нивно име. Сѐ додека се оставаат надвор од процесот, опозициските партии на Албанците заедно со мнозинството Албанци немаат никаква обврска утре да ги бранат позициите на државата спрема Грција. За добро или за лошо, вината ќе лежи кај организаторите на вакви саботни работни средби.
Се разбира, проблеми и дилеми од ваква природа немаше да има ако Македонија знаеше да ги заврши работите институционално. Барем на хартија постои една институција која е највисок орган на државата, и таму е местото да се дискутира и гради консензус за вакви прашања. Таа институција се вика Собрание на Република Македонија. Освен претседателот на Собранието, таму има претставници и од албанските опозициски партии, но и од други етникуми, како и од најразлични општествени слоеви. Во нормална држава претседателот, премиерот или кој било друг ќе реферираше за текот на преговорите пред Собранието, а не по тркалезни маси. Таму ќе бараше поддршка за понатамошните чекори, ќе слушаше коментари и реакции и ќе добиеше јасна претстава за црвените линии кои не смее да ги надмине во преговорите со Грција. Што е поважно, таквата седница би била најлегитимна за вакво прашање и немаше да остави простор некој утре да каже дека не бил информиран или немал шанса да го искаже својот став. Така консензус во вистинската смисла на зборот можеше да се гради само во Собрание и само така ќе имаше гаранции дека евентуален договор со Грција би поминал таму на гласање.
Напротив, како абнормална држава, во Македонија работите се одвиваат поинаку, не по институции, туку по „лидерски средби“, како саботната. И така, 4-5 мажи си седнуваат на маса и на таен и нетранспарентен начин се договараат за најбитните работи во државата и во општеството, без да прашат никого однадвор. По логиката на ваквите средби секој од овие мажи контролира стадо од пратеници, кои безусловно ќе гласат како што ќе им се каже. Во овој вредносен систем Собранието не е веќе орган каде што се донесуваат одлуки, туку место каде што се стават печати на одлуки донесени на други места. Овој пат штетата е дотолку поголема бидејќи се деградираше и институцијата претседател на Собрание, кој се третираше само како дополнителен член на стадото чие присуство е излишно, бидејќи и онака ќе го направи тоа што ќе му го каже Али.
И така, од саботната средба дознавме дека консензус за името значи дека и ова прашање ќе се реши по стар терк, по „лидерски средби“. Од оскудните плодови кои ги давале ваквите средби во минатото, по сѐ изгледа ни ова прашање нема да вроди се некој добар плод.