Промена
Лејла Сабит
Ја гледате кај себе, околу себе, кај другите, од сезона во сезона, или од избори до избори.
Драстична, минимална, козметичка, климатска или политичка.
На лицето, на телото, во карактерот, во стилот, во исхраната, во размислувањето, во однесувањето, во животот и во кариерата.
Доаѓа со годините, со искуството, со статусот, некогаш влијае генетиката, некогаш околностите, некогаш врските, некогаш мааните, некогаш архитектурата, а некогаш е до модните трендови.
Чувствувате дека не сте исти ниту вие ниту луѓето околу вас, ниту родниот град, ниту родната земја.
Ви велат дека сте се промениле, вие велите другите се промениле.
Во Македонија сите се плашат од промени, никој нема да ви признае години, кеш во банка, неверства, сексуална определба, здравствена состојба ниту естетски интервенции на лицето.
Сѐ се гледа, се знае и се дознава, ама без докази немате „кривично дело“.
Промената може добро да ви дојде, а може и не.
Во вистински или во погрешен момент.
Од вистински или погрешни причини, идеи и влијанија.
Покрај вистински или погрешни луѓе.
За вистинска или погрешна цел.
Жените прво промената ја прават на косата.
Мажите пуштаат брада.
Пролетта знае да биде променлива.
Како крај на зимата и најава за летото.
По врели костени, во Македонија доаѓа период на сладолед.
(Не) се радувате на (не) промените или така ми се чини?