Продолжува какистрократијата
Соња Стојадиновиќ
Чувството на револт, разочарување, па дури и гнев превладува низ населението кое на последните парламентарни избори ја изрази поддршката кон коалицијата на СДСМ. Дали очекувањата за брзи промени беа нереални или беа нереални ветувањата, малку е потешко да се каже. Освен осудите и критиките за погрешните кадровски решенија што не стивнуваат, не стивнуваат и грешките од страна на СДСМ. Наспроти повиците дека кадри на ДПМНЕ се оставаат на високи позиции, мистериозно излегуваат нови вработени за кои јавноста се прашува како стасаа до тие позиции. Од друга страна, оние што се ситат на грешките на оваа власт одговараат: А за што протестиравте вие што сега се буните? За да седнете во фотелји? Не, за да не се ставаат неписмените, полуписмените и послушниците во фотелји. Наспроти ветувањата дека ќе се вработуваат кадри што не се партиски определени, а се компетентни и образовани, сѐ уште сме сведоци на отселувањето на тие кадри што треба да ја оправат државата. Остануваат да владеат припадниците на какистократијата.
Како и речиси сите кованици, и оваа има корен во грчкиот збор какистос (најлошиот) и кратос (владее). Од 2006 до 2017 имавме какистрократија, поточно владеење на најлошите, најбескрупулозните, комплетно некомпетентните. Иако зборот првпат се појавил во 17 век, експанзија во употребата доживува во периодот на владеењето на Роналд Реган. Очигледно неговата администрација била на толку ниско ниво што заслужиле овој збор да биде вратен во употреба. Ниту ние не можеме да се пофалиме повеќе со смената на власта. Како што се движат работите, единствените главни промени се замена на лавчето со ѕвездата, која не може да се нарече ни петокрака, и полусвенатата роза. Патријархалното однесување кон жената инсталирано од груевизмот, каде што таа во нивните ментални склопови е само машина за раѓање деца се појави и во истрчаната изјава на министерот Венко Филипче. Добро е што не продолжија со кампањата трето дете и бараа да смислуваме слогани за поттик на наталитетот, како што направија комшиите Срби, па станаа мета на шегување од страна на медиумите. Ама како тргнале, може и тоа да се случи наскоро. А, слоганот веројатно ќе биде: Ако немате деца, ќе ви направиме.
Среќа во несреќа е што годините на вмровската какистрократија го изострија чувството за функционална држава и ги искалија истражувачките новинари, па засега тие ни се најсигурните известувачи за новите големи и мали утки на новата ни влада. Нив не им е грижа дали некој бил левица, шарен револуционер и пошарен од тие што седнале во фотелјите, и што најголема заслуга им била што биле поупорни во молењето за функција. Истражувачките новинари не лепат етикети на неподобни, левичари, вакви или такви во страв дека некој ќе им ја земе функцијата која не им припаѓа, како што знаат тоа да го прават новокариеристите од свесност колку не ги бива. Тие идеално го искористија повикот на премиерот Зоран Заев да се критикува новата влада и решија да не дозволат да се повтори вмровската какистрократија. Е, сега, што на некои ново фотелјаши и кариеристи не им се допаѓа тоа, не е нивен проблем. Ако не можеш да трпиш издржана критика и обелоденување на твоите злоупотреби со службени картички и службени возила, тогаш немој ни да се фаќаш за орото и да седнуваш на фотелја. Затоа што истражувачките новинари, а и јавноста решија да одат по максимата: власта се симнува од грбот сосе кожа. Освен ако играш по правилата и законот.
Така што драги мои ново фотелјаши и кариеристи, а и нова власт, не бидете новите какистократи затоа што нема да ни биде тешко пак да излеземе на улица. Оние единаесет години на ДПМНЕ создадоа прекрасен кадар за подигање на државата на нозе. Искористете го и влезете во историјата не како какистократи со свената роза, туку како реформатори со светла петокрака.