Претседателските избори го забрзаа одржувањето на Скопскиот маратон


Поради одржување на претседателските избори, чиј втор круг  ќе се поклопи со првичниот датум на одржување на 15-то издание на Виз Ер Скопски маратон, 5-ти мај 2019, и неможноста во ист ден со изборите да се одржи и маратонот, организаторите, Сојуз на спортови на Скопје и Организациониот Одбор на Виз Ер Скопскиот маратон, донесоа одлука овогодинешниот маратон да се помести за еден ден порано, односно во сабота, 4-ти мај 2019.
„Датумот на Виз Ер Скопски маратон ние секогаш го одредуваме една година пред одржување на трката, тоа е една од нашите обврски кои ги имаме спрема меѓународните асоцијации ИААФ и АИМС. Па, од таму, не можевме да предвидиме дека на денот на одржување на 15-тиот Виз Ер Скопски маратон може да се одржат избори во државата. Затоа одлучивме после официјалното распишување на претседателските избори од страна на претседателот на Собранието, да го преместиме датумот на маратонот за еден ден порано. Ова нема да биде ниту прв, ниту последен пат да се случат вакви поместувања, како што во изминатото било случај и на други маратони во светот. Иако пријавувањето за маратонот е отворено уште од 15 септември 2018, моравме да се одлучиме на ваква тешка одлука, за нас, во овој момент како би избегнале поголеми штети и последици во организацијата во следниот период. Свесни сме дека оваа непопуларна мерка можеби нема да им се допадне на некои од досега пријавените учесници, посебно на странските тркачи, но се надеваме дека ќе наидеме на нивно разбирање. ” – изјави Кире Синадиновски, спортски директор на Виз Ер Скопски Маратон.
Од Сојуз на спортови на Скопје уверуваат дека атмосферата и секој елемент кој се однесува на Виз Ер Скопски маратон ќе се задржи исто како во минатите години и дека овој јубилеј очекуваат да биде еден од најубавите спортски настани кој ќе се одржи на улиците во главниот град. Тие им се извинуваат на сите досегашни пријавени учесници заради новонастаната ситуација. Сите до сега пријавени учесници ќе добијат електронска порака од организаторот во кој ќе биде наведен линк со анкетен прашалник во кој ќе се изјаснат дали ќе можат да учествуваат на 4-ти мај или не, за потоа да бидат контактирани од организаторите за следните чекори.