Престројување на Блискиот Исток и Балканот
Роберт Несими
Два момента од минатата недела, на прв поглед можеби незначајни, сигнализираат радикален пресврт на Блискиот Исток. Првин неколку арапски канали и арапски држави забранија емитување турски серии. По неколку дена, крунскиот принц на Саудијска Арабија, Мохамед бин Салман, изјави дека Турција е дел од оската на злото, заедно со Иран и Русија. Двата момента секако се длабоко поврзани меѓусебно. Тие дават силно до знаење дека арапскиот свет, предводен од Саудиска Арабија и Египет, го завршува дводекадното кокетирање со Турција и сѐ повеќе ја гледа како противник, каков што не бил од времето на распадот на Отоманската Империја.
Се разбира, наивно е да се мисли дека ваквите движења се случајни. Мохамед бин Салман, пократко познат како МБС, е нова фигура на арапската политичка сцена, но брзо стана еден од главните нејзини актери. Во спротивност со полувековната саудиска традиција тој стана наследник на тронот иако е само 32-годишен. Де факто тој е веќе вистински владетел на Саудиска Арабија. Во светот стана познат по апсењето на неколку саудиски принцови и функционери, наводно поради корупција. Засега на него се гледа како надежта и иднината на арапскиот свет, државник кој ветува длабоки реформи во економската, социјалната и културолошката сфера во Саудиска Арабија, човек кој ќе ја заузда моќта на вехабистичките саудиски клерици и ќе ја врати земјата кон традиционалната и поумерена верзија на исламот. Што е поважно, тој има блиски врски и ја има целосната поддршка на американската администрација, а минатата недела беше дочекан со високи почести во посета на Велика Британија. Тоа значи дека неговите ставови кон Турција, Иран и Русија се сигурно координирани со западната надворешна политика и арапските сојузници во регионот.
Се разбира, сето ова не е нешто ново, колку што е континуитет на геополитичкото редефинирање на Блискиот Исток, а кој на некој начин продолжува од времето на Студената војна. Арапските сунити, предводени од Саудиска Арабија и Египет, следени од Јордан и заливските земји, повторно земат силна прозападна линија. Но најголемата промена секако е Турција. Ако во времето на Студената војна таа беше ориентирана кон Западот и изгледаше незаинтересирана за Блискиот Исток, првите години на владеењето на Ердоган означија нејзино отворање кон арапскиот свет, инспирирано од политиката на нулта проблеми со соседите. Но, последните години се чини дека таа политика е напуштена или едноставно поразена. Случај по случај Турција се наоѓа себеси во конфликт со своите западни партнери и наводно арапски сојузници. Иако номинално членка на западниот блок, на НАТО, нејзините позиции сѐ повеќе изгледаат како да се на линија со главните непријатели на НАТО во регионот, односно Русија и Иран. Како што се одвиваат работите, таа навистина изгледа како дел од оваа оска, спротивставена на прозападната оска на НАТО. Настаните во Сирија можеби се главните катализатори на овие геополитички тенденции, а антитурските потези на арапските земји и острата реторика на МБС покажуваат колку далеку се отидени работите во ова насока.
Овие геополитички движења не се неважни и за Балканот. Силните геополитички актери и тука се истите. Во последната декада се чини дека Балканот е вратен 100 години наназад во геополитичка смисла, кога регионот беше бојно поле на руското, турското и западното влијание, во тоа време претставено од Австроунгарија. Истите влијанија се на преден план и во денешните времиња, а прозападните аспирации се поистоветени со желбите за интеграција на Балканот во НАТО и во ЕУ. Токму на ваквите аспирации изгледа се спротивставуваат другите два фактора, односно Русија и Турција (или во најмала рака путинизмот и ердоганизмот), бидејќи евроатлантската интеграција дефинитивно ќе го отежни нивното влијание.
Во овој контекст не е случајно што најзвучните играчи кои се против договор со Грција и промена на името, заедно со интегрирањето на Македонија и регионот во евроатлантските структури, што би значело победа на прозападното влијание, се токму Русија и Турција. На оваа линија треба да се чита и нивната наводна поддршка за Македонија да го брани своето име, бидејќи правдата е на нејзина страна. Повеќе од јасно е дека ниту Русија ниту Турција не ги интересира македонскиот народ и прашањето за името, колку што им пречи стабилизацијата на односите со Грција и на регионот како целина. Слично на Блискиот Исток, Русија и Турција, барем под водство на Путин и Ердоган, ги спојува спротивставувањето на западното влијание и, исто како на Блискиот Исток, тие се наоѓаат себеси на иста страна, наспроти западните политички и безбедносни структури.
Се разбира, можно е ваквите конфликтни геополитички трендови повторно да се променат, како што се случувало во минатото. Но тоа изгледа помалку можно во рускиот случај, бидејќи веќе е јасно дека таму уште долго ќе продолжи да владее Путин со неговиот фундаментално антизападен светоглед. Вистинската енигма останува Турција под Ердоган. Дали таа ќе продолжи со антизападниот тренд од последно време или, сепак, ќе се врати во блокот каде што ја помина Студената војна, свесна дека нејзина вистинска егзистенцијална историски закана била токму Русија? Од овој фактор ќе треба да зависи и нашето поставување кон Турција, односно дали ќе продолжиме да ја имаме како стратегиски партнер и сојузник или ќе бидеме принудени да ја гледаме како членка на спротивставен блок.