Првоаприлски шеги со вистини


Eрол Ризаов

Во земјата на чудата не може да се направи саглам ни првоаприлска шега. Секоја лага за ден-два станува вистина. Тамам ќе помислите дека некој си игра мајтап, кога гледај тоа не било зафрканција, туку сериозна работа, честопати тажна, за плачење, човек да вреска од мака. Авион слетал на скопскиот аеродром без да работи моторот… ништо посебно, такви работи се случуваат, ама ние сме единствени на дуњава каде што државата ни полета без мотор. Лета како вејка на ветерот, како едрилица без пилот над бездна, никако да се приземји. Спасувачките екипи немоќно чекаат да падне, па да интервенираат. Не е шега, жими мајка, вистина е.

Еве неколку свежи примери. Претседателот на државата Ѓорге Иванов го претрка неговиот колега Владимир Путин и ја осуди пред него македонската влада дека избрзала со протерување на руски дипломат. Не ви се верува, па не е за верување, ама вистина е. Немојте ни да помислите дека нашиот претседател згрешил. Тој како врховен командант на вооружените сили на Македонија има информација од прва рака дека дипломатот не бил шпион. Да бил разузнавач, Иванов одамна ќе побараше негово протерување. Разузнавачките служби на Македонија навремено го имаат известено претседателот Иванов дека Русите нѐ ставиле на линија на огнот, ама со најдобри намери, оти многу нѐ сакаат, и нѐ обожаваат оти пожртвувано сме им ја дале писменоста нив, а ние сме останале неписмени. Тоа се виде и од руската закана да се тргнеме понастрана од НАТО, што му направи голем ќеф на претседателот за со уживање да констатира колку бил во право. Во што е трикот на Иванов: Многу едноставно: штом Русите многу врескаат дека Македонија никако не може да влезе во НАТО, Американците веднаш ќе нѐ внесат за инает.

Алал вера, многу е мудар нашиот претседател, ем ќе влеземе во НАТО ем руската одмазда заради него ќе биде многу поблага. Може да се случи поради визионерството на Иванов Русите воопшто да не ја казнат Македонија ако дојдат до сознание дека тоа што сакаат тие да ни го направат ќе си го направиме сами. Ќе се изедеме меѓу себе кој е за Русија, а кој за Америка.

Еве, на пример, како една голема лага стана вистина – дека претседателот на државата има уставно право да не потпишува закон дури и стопати да го изгласа мнозинството во парламентот. Владата и парламентот не го знаат ова право на претседателот бидејќи не го читаат внимателно целиот Устав. Таму има член кој кажува дека никој во земјата не смее да потпише капитулација. Најмалку претседателот, врховниот командант на АРМ. Законот за јазици е чиста капитулација на државата. Такво предавство со јазик да се излиже цела Македонија не смее да се потпише, без оглед дали има или нема таков член во Уставот. Има работи што се подразбираат сами по себе, без оглед на тоа дали нешто пишува или не пишува во Уставот.

Претседателот на опозицијата Христијан Мицкоски не лаже кога зборува дека Македонија е заробена држава. Некои го доживуваат тоа како првоаприлска шега. Многу грешат. Колку многу е во право Мицкоски покажуваат судските процеси од незаконски прислушуваните разговори на илјадници граѓани и функционери во заробената држава. Уште нема ниту еден осуден на повеќе години затвор за злодела најголеми во историјата на независна Македонија. Најголем доказ колку Мицкоски е во право се судските постапки против неговиот претходник Никола Груевски и неговите најблиски соработници. Само во заробена држава тоа може да се одолговлекува до недоглед. Секое рочиште нешто не е во ред, час има провев во суската сала, час е болен сведокот, час адвокатот качил температура, час има промена на адресата на некој од обвинетите кој, сирот, живее на повеќе адреси, па тешко е да се најде. Да не е заробена државата и да нема попречување на правото овие невини луѓе од врвот на ВМРО-ДПМНЕ одамна ќе беа ослободени. Очигледно некој сака да ги пикне во затвор и Груевски и неговите најблиски, па да ја направи иста срамна грешка како со оние сироти луѓе од Сопот кој лежеа невини во затвор по 10 години осудени за тероризам. И за таква грешка на невино осудени луѓе цела една деценија, се разбира, никој не е виновен во заробена држава.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, особено е во право кога разглаба за патриотизмот на луѓето кои на 27 април спонтано влегоа во парламентот да ја бранат државата. Храбро, многу јуначки, откако му излезе сликата во медиумите како непосреден учесник во пресметката со непријателот во Собранието, Мицкоски гордо потврди дека тој ден не гледал сеир и не бил во папучи, како што порача Груевски, туку бил со својот народ во парламентот да го урне новиот противуставен режим. Човекот не бил статист, туку имал своја значајна улога во хоророт што го приреди ВМРО-ДПМНЕ режиран од Виена. Судењата за обид за државен удар и за убиства на народни пратеници можат да се пролонгираат со месеци и години сѐ додека државата не се распадне и не исчезне. За да се забрза тој процес на распаѓање на Македонија, најдобро е веднаш да се ослободат и судството и сите невино обвинети за ВМРО- ДПМНЕ и Груевски да се вратат на власт на голема врата, како што најавува новиот лидер на опозицијата Мицкоски во неговиот поход за спасување на Македонија.

Крунски доказ за ова тврдење е претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој во една ваква безнадежна ситуација одржа историски говор за независноста на судството и за потребата од независни судии. Чукни во дрво трипати, вистина е. Човекот со крената глава и брада испрчен на говорница по повод денот на правосудството кажа голема вистина, дека граѓаните на Македонија се гладни за право и закони, а не за храна. Го кажа и тоа дека на Македонија ѝ требаат независни судии, јаки авторитетни личности на кои никој не може да влијае ниту да ја попречува правдата. Ајде сега не се крсти со двете раце кога ќе го слушне ова нормален граѓанин од устата на Вангеловски кој е синоним на партизирано, компромитирано и корумпирано судство. Поголема првоаприлска шега од сегашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, има кажано само Михајло Маневски, творецот на комплетно партизираниот судски систем каде што владеењето на правото се претвори во селективна нарачка за пресуди на политичките противници.

Вакви првоаприлски шеги кои се трагични вистини во Македонија направени само за една година можат да се напишат во три тома колку „Војна и мир“ на Толстој. Ако, пак, се набројуваат најголемите лаги кои се оствариле во изминатата деценија, тоа не може да го соберат ни компјутерите на НАСА.