По 50 евра за најуспешните спортисти, ученички и ученици
Град Скопје ќе стипендира 100 најуспешни спортисти, ученички и ученици со по 3.000 денари во текот на осум месеци до крајот на 2018 година, најави вчера градоначалникот Петре Шилегов на отварањето на спортските училишни лиги. Пред учесниците на средношколскиот спорт, Шилегов апелираше тие и натаму да продолжат да спортуваат, да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси.
„Не можам да го сокријам задоволството што вие учениците заедно со вашите професори по физичко воспитување, во изминативе години, покажавте дека само со истрајна, упорна и посветена работа се стигнува до саканиот резултат. Докажавте дека вложувањето во спортските достигнувања не е кочница за вашиот успех во школувањето и дека желбата за спортот може да биде сојузник на вашиот личен и професионален развој“, изјави Шилегов. Меѓудругото, најави дека за мотивација на средношколците Градот Скопје освен што ќе доделува стипендии, паралелно планира да ги реконструира и спортските сали.
Инаку, бројот на учесниците во овие лига и турнир систем натпревари во средните училишта секоја година се зголемува, а годинава веќе ја надмина бројката од 6.000 ученички и ученици од 29 средни училишта во Скопје.
„Традиционално, најдобрите екипи од средните училишта и годинава ќе имаат можност за една убава спортска дружба со нивните врсници од странство. По успешните гостувања во Истанбул, Ниш, Загреб, Љубљана, Софија и Белград, Градот Скопје годинава обезбеди буџетски средства за патување во еден од европските збратимени градови за најдобрите средношколски екипи во мал фудбал, одбојка, ракомет и кошарка, во женска и во машка конкуренција“, информираат од Град Скопје.
За организација на средноучилишниот спорт во Скопје, Градот годинава од својот буџетот одвои 2,3 милиони денари.