По реакцијата на „Анима Мунди“, маската со живиот штрк е дисквалификувана
Претседателот на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов, соопшти дека маската со живиот штрк што учествуваше на Главната карневалска вечер е дисквалификувана од официјална конкуренција за награда.
По реакците од организациите за заштита на животните, Цицимов истакна дека не е во ред да се користи непромислениот акт на еден поединец за да се напаѓа една од најреномираните манифестации во државата и да делат совети што треба да се стори. Тој додава дека уште од 1991 година Карневалот има донесено одлука да не учествуваат животни на карневалот.
– Оваа одлука беше почитувана се до последната карневалска вечер, кога на општо изненадување, еден од најкреативните учесници на Струмичкиот карневал, кој во изминатите дваесетина години е еден од најтрофејните учесници и е добитник на општинска награда за придонес во Струмичкиот карневал, голем мајстор во употребата на природните материјали во изработката на маските, што го потврдува и како љубител на природата, веројатно понесен од идејата да биде оригинален, непромислено си дозволил да го употреби животното, за што веќе поднесе консеквенци, бидејќи веднаш беше дисквалификуван од официјалната конкуренција за награди, рече Цицимов.
Се огласи и Цветко Багашевски, кој во својата маска го имаше штркот. Според него, птицата воопшто не е малтретирана, туку од страна на негови пријатели е згрижена и добро чувана, откако не успеала да одлета поради повреда.
– Јас сум крајно изненаден и навреден, затоа што никако не станува збор за некакво малтретирање или нехуман третман. Сите кои ме познаваат знаат дека јас долги години учествувам на карневалот и секогаш подготвувам маски од природни материјали. И за овој карневал подготвував таква маска, но со вештачки штрк. Мојата маска се вика „Добар живот во Македонија“, бидејќи штрковите се тие кои носат живот. Штркот е здрав и во добра состојба и моите пријатели продолжија да се грижат за него, рече Багашовски.
Багашовски не сакаше да ја коментира одлуката на Организацискиот одбор неговата маска да биде дисквалификувана од конкуренција за наградите.