Пофалба на глупоста


Ерол Ризаов

Македонците во Грција се радувале на договорот. Без да го прочитаат, знаеле дека е добар!? Велат, штом грчките националисти толку врескаат, мора да е повеќе од добар. Во Македонија, Македонците што викаат на сет глас – готово е со државата, ова е катастрофа, предавство, капитулација, самоубиство… исто така, не го прочитале договорот, ама лелекаат несреќни затоа што тоа што ним им изгледа како крај на светот, другите во тоа гледаат излез од бедата, сиромаштијата и изолацијата, од балканскиот батак. Тоа е најдобар знак дека и без да го читате и анализирате договорот можете да бидете сигурни дека Македонија излезе од лавиринтот во кој  луташе повеќе од една деценија и сега е на вистинскиот пат.

Штом во двете земји опозицијата организира и ги предводи протестите кои не се безопасни иако се малку посетени, станува јасно дека тоа е само битка за власт и оправдување зошто тие не ја завршиле таа работа кога можеле да го направат тоа. Не сработиле ништо од многу позната причина, оти така се одржувале на власт со тоа што само сееле омраза меѓу двата народа. Стратезите на протестите, партиските лидери кои ја демнат секоја шанса да се вратат на власт, во суштина се многу задоволни што политичките противници ја завршија оваа тешка, ризична и непопуларна работа. Сега ги заплашуваат и подбуцнуваат луѓето со катаклизмични прогнози, од кои можат да се спасат само ако опозицијата се врати да управува со државата.

Доказите за ова ќе ги видите веднаш штом сѐ ќе заврши како што е договорено меѓу  премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев и нивните тимови со посредство на ОН. Нивните наследници во власта, кои и да се, нема да го поништат договорот, ниту пак ќе направат и најмал обид во таа насока. Искуствата и дома и надвор јасно покажуваат дека одржливите договори функционираат, неодржливите сами пропаѓаат, стануваат неспроведливи. Договорот што го потпишаа Македонија и Грција е одржлив на долг рок, бидејќи е прифатен од двете страни, и од Грција и од Македонија, но и од ОН и од ЕУ и нејзините највлијателни членки кои имале пресудна улога заедно со Америка да дојде до прифатлив компромис, оти  само така договорот може да биде долговечен и да биде темел за изградба на пријателски односи меѓу двете земји.

Сепак, најдобро е да се прочитаат внимателно одредбите од документот прифатен од владите на Грција и на Македонија. Потоа можете сами да создадете свој  суд дали е тоа капитулација и катастрофа, или добро решение за остварување на иднината на Македонија. Еве неколку  факти кои никој не ги негира, но често се злоупотребуваат.

Никогаш не било спорно дека на Македонија ѝ се нанесува неправда со поставување на услов за членство во НАТО и во ЕУ. Република Македонија неоспорно е дека и правно и морално и цивилизациски  е во право да се самоименува и самоопределува како што сакаат нејзините граѓани. Никој не нѐ принудува да го смениме уставното име, тоа е  услов да влеземе во ЕУ, во НАТО и со тоа име да се запишеме како членка на ОН наместо досегашното ФИРОМ. Никој не нѐ принудува да бидеме членки на ЕУ и на НАТО, туку ние тоа го бараме. Членството во НАТО и во ЕУ е стратегиска цел и на државата и на сите влади и парламенти и на сите релевантни политички партии како единствена алтернатива за иднината на државата. Мнозинството граѓани на Македонија, над 70 отсто, ги поддржуваат евроатлантските интеграции на земјата.

Националниот идентитет и државјанството на Македонците со ништо не се менуваат, ниту пак со нешто се загрозуваат. Тоа беше основен предуслов во сите досегашни разговори и преговори за да дојде до разграничување на географската област. Таа работа досега не успеа, ама тие што не најдоа решение и нивните следбеници сега на големо лицитираат кој што давал и нудел. Во договорот, покрај националниот идентитет и државјанство Македонец, се потврдува дека македонскиот јазик како и досега останува уредно запишан во документите на ОН без да се менува ништо. Лингвистичката наука во светски рамки тоа никогаш не го оспорила, па не го оспорува ни договорот. Националната, јазичната и верската определба остануваат негибнати.

Културното наследство на територијата на Република Македонија останува како и досега според меѓународните закони и правила кои Македонија ги има прифатено и потпишано. Сѐ што е откриено од праисторијата до денес и тоа што ќе се открива во иднина на нејзина територија останува како културно наследство во сопственост на Македонија, со обврска за тоа да се грижи и да го чува и да биде достапно до светската јавност и наука.

Незнаењето на овие факти, или на некои од нив, може да биде и разбирливо кога станува збор за обичните граѓани кои се соочени со најтешкиот проблем како да го поминат денот и да го прехранат семејството, како да дојдат до работа. Разбирлива е дури и ѓурултијата што ја крева опозицијата за да собере некој поен. Неразбирливи се три навистина многу опасни и валкани работи. Прво, зошто насилни протести и омраза кон другите етнички заедници ако има референдум за слободно изјаснување. Второ, несфатлива е улогата на некои учени луѓе, познати јавни личности, универзитетски професори и академици. Не затоа што не го поддржуваат договорот и сметаат дека е штетен за Македонија, туку затоа што лажат и манипулираат со јавноста, презентирајќи и толкувајќи погрешно делови од договорот.

Го слушам еден академик како вели ако сака ЕУ да нѐ прими, има сто начини како да го направи тоа. Новинарот го гледа како теле во шарена врата и премолчува, не прашува: академиче не сака ЕУ, ние сакаме. Академикот знае дека МАНУ има изготвено книга на 413 страници озаглавена како „Национална стратегија за економскиот развој на Република Македонија“, која го опфаќа и општествениот развој на државата, објавена во 1997 година со важност до 2020 година. Академикот знае дека сите развојни економски, политички и општествени реформи, кои се изготвени од над 100 домашни и странски научници, по урнекот на Словенија, се потпираат исклучиво на членство во Европската Унија што е децидно нагласено повеќе пати во Стратегијата на МАНУ. Академикот знае дека досега Македонија има прифатено и потпишано стотици закони и меѓународни договори и декларации кои се во согласност со правилата на ЕУ и дека Македонија 13 години е кандидат за членство во ЕУ со исполнети предуслови. Академикот знае дека целиот правен систем, културните вредности, географската и политичката припадност на Македонија се поврзани  со Европската Унија. И покрај сето тоа, човекот како да пишува басни за деца зборува и ги заплашува луѓето дека ова е катастрофа.

И трето, најнеразбирлив е претседателот на државата Ѓорге Иванов. Го почна својот мандат пред десет години со бесмислената проста реченица:  разумен компромис е разумен компромис. А завршува со појаснување дека компромис не е компромис.

Ако не ви се чита договорот, а сакате да разберете во што е работата без да се нервирате, ви препорачувам да го прочитате Еразмо Ротердамски и неговата „Пофалба на глупоста“. „Нема ништо побесмислено одошто сериозните работи да се кажуваат на бесмислен начин. Исто така, нема ништо позабавно одошто бесмислените работи да се кажуваат како да станува збор за сериозни“, вели Еразмо.