Потребна е нова политика


Здравко Савески

Во Македонија се потребни коренити промени. Ако тие коренити промени не бидат направени, ние допрва ќе гледаме како ни се влошува животот и како стануваат воспоставена практика работи за кои сме мислеле дека не сме на тоа дереџе да се случуваат. Иако е така, во овој момент нема критичка маса да притисне за тие коренити промени. А работата е уште полоша. Го изгубивме и компасот каде сакаме да се движиме, какво општество сакаме да изградиме, што треба да преземеме за тоа да се оствари. Па се препуштаме на стихијата, им дозволуваме на партиските врхушки да нè лажат со нивната пропаганда, празно надевајќи се дека нивните прикаски содржат барем трошка вистина.

Протестната енергија, која беше клучна за да падне недемократската власт на Никола Груевски, ја уништија. Таа протестна енергија не целеше само на тоа властодршците кои беа сторители на криминал да завршат зад решетки. Таа протестна енергија се стремеше кон нов почеток, бараше воспоставување на демократско, некорумпирано и социјално поодговорно владеење. Кога се добра до власта, СДСМ сето тоа го уништи. Се покажа дека лажеле дека се бореле за слобода, а не за фотелји. Се покажа дека ништо друго освен фотелјите не им е важно.

Наместо со подобрување на животот, она на што ја посветија целата енергија беа националните прашања и интеграцијата во НАТО. Иако никој ниту бараше ниту очекуваше тоа да им е приоритет во владеењето. И при тоа, постапувајќи по туѓи напатствија и агенди, заинтересирани само за фотелјите, чепнаа болни етнички чувства, ги разбудија етничките духови, ја отворија ширум портата за националистите да ја диктираат агендата и да мобилизираат поддршка. А со протуркувањето на уставните измени преку прекршувања на демократијата и непринципиелни дилови, чувството на обесправеност, на кое ќе играат националистите, допрва ќе расте.

Новиот почеток не дојде со СДСМ. Пропуштена е уште една шанса за нов почеток. Но штетата не е ограничена само на тоа. Ние немаме неограничен живот за да се луксузираме со пропуштените шанси. На многумина од нас животот ни помина во пропуштени шанси за нов почеток, шанси кои одново и одново им се даваат на двете најголеми клиентелистички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Триесет години се доволно долг временски период за од нивното однесување да се сфати дека тие немаат ниту волја ниту капацитет да го подобрат животот на обичниот народ, дека тие единствено се способни да нè втурнат уште подлабоко во бездната во која се наоѓаме.

Потребна е нова политика во Македонија. А таа нова политика не можат да ја донесат клиентелистички партии во кои членуваат луѓе чиј главен интерес е да фатат некоја коска за себе. Таа нова политика мора да биде заснована на принципи и треба да биде спроведена од луѓе кои нема личниот интерес да го стават пред општествениот интерес. Треба нова политика чија цел ќе биде подобрување на животот на обичниот народ, а не слугувањето на интересите на крупниот капитал и на империјалниот господар.

Но, лесно е да се каже што треба. Сите знаат што треба. Kако да се направи тоа? Кој треба да го направи тоа? Има ли општеството воопшто капацитет за тоа? Сите овие се важни прашања, но тие не ја негираат важноста од нагласувањето на тврдењето дека е потребна нова политика во Македонија. Зашто целосно го изгубивме компасот. И за да го вратиме, потребно е прво да ја видиме целта кон која треба да се стремиме.

Политиката сама по себе не е ниту непринципиелна ниту валкана работа. Но таква ја направија. И бидејќи таква ја направија, таа создаде свој имунолошки систем против оние на кои принципите им се важни. Имено, стравувајќи да не биде принуден да се извалка, многумина што не сакаат да успеат по цена на газењето на принципите, ќе се држат настрана од политиката. Убаво за нив, но поради тоа политиката станува монопол на непринципиелните луѓе. А какви резултати може да даде политиката креирана од непринципиелни луѓе? Да, може однадвор да се врши притисок политичарите да донесуваат одлуки во корист на граѓаните, но во најдобар случај тоа ќе бидат исклучоци кои го потврдуваат правилото. За конзистентна политика во корист на обичниот народ мора да се влезе во политичката арена, да се поведе битка со клептоманските политичари, при тоа да се внимава да не се изгубиш себеси во процесот и… да се преземе власта за да се владее во корист на обичниот народ.

Се разбира, една ластовица не ја носи пролетта. Ако сето ова биде изолиран случај, непринципиелната политика ќе надвладее. Потребен е наплив на луѓе со карактер во политиката за таа да биде трансформирана. И не само тоа. Потребна е и промена кај луѓето, кај начинот како тие гледаат на себе како општествени битија и што очекуваат од оние што сакаат да донесат промени. Нашиот народ себеси се гледа како објект на политиката, а не како активен чинител. Постојано е во исчекување на спасителот што ќе го избави од маките, цело време надевајќи се дека спасителот конечно се изнајде за многу брзо да се разочара и од него. Така, до устоличување на нов цицач на народните пари се доаѓа, ама до подобрување на состојбата на народот – тешко. Исто така, мора да се престане со паѓањето под дејство на хипнозата на големите ветувања. Зашто тоа секогаш го става во подобра позиција оној што знае да лаже од оној што одбива тоа да го направи. Да, убавите лаги звучат подобро од грдата вистина. Но, ако не поработиме на нашата способност да препознаеме кој лаже за да се добере до фотелјата, а кој искрено сака да работи за општото добро, ако продолжиме да му ја даваме поддршката на оној кој ќе каже најпривлечна лага во даден момент, како може да очекуваме нешто поразлично од дереџето на кое сме?

Евидентен е моралниот пад. Не само во политиката, туку и во самото општество. Неморалната политика го зарази целото општество. Гледајќи како политичарите ја користат власта за личен интерес, како успеваат бескрупулозните и умилкувачите наместо квалитетните, еродира вредносниот систем, се запаѓа во цинизам, умира подготвеноста да се направи она што е правилно наместо она што е ефикасно. Уште повеќе, оној што се држи до принципите се гледа презриво како будала, му се стеснува маневарскиот простор за и тој да посегне кон прекршување на моралот. Во таква затруена атмосфера, крајно наивно очекување е дека политиката има и најмала шанса да даде поинакви резултати од досегашните.

Успеваат оние што им го кажуваат на луѓето она што сакаат да го слушнат. Без разлика дали тоа е остварливо или не. Тоа е начинот како да се добереш до фотелјата и да те обожаваат. Потоа ќе те плукаат зашто си ги излажал, но тоа е отпосле. Откако ти ќе ја фатиш фотелјата и кога ти е малку важно дали те плукале или не. Но, на овој начин не се врши еманципација на граѓаните, која е нужен услов за да може да се спроведе новата политика. Само еманципиран народ, кој научил да размислува со своја глава и кој е подготвен самиот да се бори за своите права, може да биде носител на промената. Да донесе не само нова политика, туку и ново општество.

Утопија? Наместо да работиме на воведувањето нова политика и ново општество во Македонија, повеќе сакаме да се убедуваме дека работите нема шанси да се променат и дека нашиот избор се сведува на тоа да го одбереме арамијата кој ќе нè краде? Тогаш, самите си ја запечатуваме судбината.

Потребни се коренити промени. И на политички и на општествен план. Тоа е огромна планина испречена на нашиот пат. Ама, кој се бори – може да изгуби. Кој не се бори – веќе изгубил.