(ВИДЕО) Помирувачка средба во Вилтон парк


Претседателот на парламентот Талат Џафери и триесетината пратеници и вработени во стручните служби во парламентот се вратија во Македонија, по тридневниот престој во Велика Британија, каде што во Вилтон Парк разговарале, меѓу другото, за подобрување на комуникацијата меѓу пратениците од различни партии во насока на изградба на ефикасен и независен парламент.

Во видеото од конференцијата, организирана од Британската амбасад во Скопје и Вестминстер фондацијата, Џафери вели дека целта на овој настан била пратениците од сите партии застапени во Собранието да се соберат на едно место, како што посочува, надвор од домашната јавност.

Македонија, вели Џафери, долго време беше во политичка криза, што создаде затегнати односи меѓу партиите, а особено меѓу нивните претставници во парламентот. Целта е, вели Џафери, да се подобри меѓусебната комуникација меѓу пратеничките групи, за да се избегнат ситуации како што имаше во минатото.