Помали неданочни трошоци носат поголеми даночни приходи


Една компанија од прехранбената индустрија има просечен годишен трошок од 260.599 денари, додека компаниите од градежниот сектор имаат просечен годишен трошок од 959.755 денари за неданочни и парафискални давачки. Тоа се давачки за лиценци, одобренија, дозволи, трошоци за вработените кои работат на усогласување на регулатива, трошоци од изгубена добивка поради чекање одобрение или дозвола. Ако овие давачки биле помали за 15 отсто, што е најчесто намалување во земјите што презеле ваков чекор, во прехранбена индустрија, во периодот 2011-2015 година во бруто-додадената вредност би генерирале дополнителни 285 милиони денари. Во градежништвото – 2,8 милијарди денари.

Пресметките покажуваат дека од намалување на неданочните давачки, износот на дополнителни јавни приходи од данок на добивка од прехранбената индустрија би изнесувале околу 5,7 милиони денари со намалување на неданочните давачки од 15 отсто а во градежниот сектор би биле околу 56,8 милиони денари, покажало истражувањето на Центарот за економски анализи (ЦЕА), спроведено преку прашалници на кои одговориле 109 компании од прехранбената индустрија и градежништвото. Иако стартно ниедна компанија не сметала дека е значајно оптоварена со овие давачки, на прашањето колку ресурси и време трошат за добивање одобренија, во прехранбената индустрија 42 проценти од компаниите одговориле дека трошат значајни ресурси и време наспроти 29 проценти од градежниот сектор. Најголем дел од компаниите сметале дека неданочните давачки негативно влијаат на конкурентноста.

Во поглед на менувањето на регулативата, што е поврзано со нивото на неизвесност во економското планирање, 36 проценти од компаниите од прехранбената индустрија одговориле дека често се менува наспроти 41 процент од градежниот сектор. Поголем број од компаниите сметаат дека се консултирани за промените на регулативата – 75 проценти во прехранбената индустрија и 67 во градежната индустрија, и тоа најмногу преку коморите.

„Треба да се направи анализа кои од овие давачки се адекватни, за кои компаниите добиваат повратни услуги и вредност, а за кои не. Најголем број компании сметаат дека нема пропорционалност меѓу квалитетот на повратната услуга и она што го плаќаат. Посебно ги издвоија санитарните давачки и комунални такси на локално ниво“, рече Ивана Велковска, истражувач од ЦЕА. Затоа треба да се направи целосна листа на неданочни и парафискални давачки, од сите институции и да се утврди кои се неадекватни и да се исфрлат кои треба да се намалат, а кои да се реструктуираат.

Конкурентноста ќе порасне ако не чекаме 24 минути во банка

Истражувањето на Светскиот економски форум, кое покажа дека од 140 земји, Македонија е 84. по моќта да се наметне на глобалниот пазар, по конкурентноста, е само уште едно укажување на аспекти кои не се нови, вели Марјан Николов од Центарот за економски анализи.

„Падот на 84. место е значително намалување. Истражувањето покажа дека стоиме лошо во големината на пазарот, но тука ништо не може да направиме, кај институциите – што треба да направиме за нив добивме од Прибе. Лошо стоиме и кај иновациите, а се сеќавате како помина повикот на Фондот за иновации. Во делот на банките, односно пристапот до пазарот на капитал, една од работите што може да се поправи е да се намали времето на чекање на услугите во банка. Во 2008 година, нашето истражување покажа дека граѓаните чекале просечно 24 минути за услуга во банка, што годишно носи трансакциски трошоци од 15 милиони евра, кои во крајна линија ги плаќа бизнисот. Тука државата може да влијае на стандардите во банкарскиот сектор со регулатива и да ги натера да засметаат број на шалтери согласно бројот и профилот на нивните клиенти. Во делот на неданочни и парафискални трошоци многу лошо стоиме. Даночниот систем и субвенционирањето на бизнисот во Македонија креира значителни дисторзии. Тука стоиме полошо од просечното рангирање што го имаме. Стоиме лошо и во делот на пазарна доминација – сите агенции за заштита на конкуренција, за антимонополско однесување и сличните, апсолутно не си ја вршат работата“, рече Николов.

Анита Салтировска