Планот на Мицкоски
Ерол Ризаов
Христијан Мицкоски, новиот претседател на ВМРО ДПМНЕ, има план да го оствари сонот на својот претходник, Никола Груевски. Ако остане цврсто на овој план, и тој ќе си замине со нож во грбот.
Кога Груевски го одржа својот прв говор во Трново во 2006 година како избран мандатар, небаре како Мартин Лутер Кинг им се обрати на сите граѓани дека има сон да ја види Македонија излезена од економската криза, од сиромаштијата и бедата, со повисок стандард на населението и како членка на НАТО и Европската Унија. По 12 години, на заминување од политиката, Груевски немаше грам храброст да признае дека сонот не го остварил, но имаше оправдување дека кога дошол имал само еден нож забоден во грбот, а кога си заминува, разочаран, во грбот има зариени повеќе ножиња, и тоа од неговите блиски соборци . Неговиот наследник Христијан Мицкоски нема сон, ама има план. Тој не отиде во Трново да ни каже што сонува, туку од Валандово приопшти дека ќе го оствари сонот на Груевски и ќе ја собори ненародната власт, ќе обезбеди подобар и поквалитетен живот на сите граѓани, ќе ја врати слободата и демократијата и ќе ја внесе Македонија во НАТО и во ЕУ. Е, па убаво, добар му е планот, се разбира ако Груевски не излажал што му бил сонот.
Еве уште малку поучна историја за тие што доаѓаат и си одат од власта, или тие што имаат кратко паметење. Првиот премиер во независна Македонија, Никола Кљусев, беше плебисцитарно избран со акламација во парламентот. По неполни две години, замина шокиран бидејќи само тој не знаеше дека партиите се договориле да го сменат на истиот начин како што го избраа. Подоцна, откако си дојде на себе, појаснуваше дека тој мислел дека со големите играчи игра табланет, не разбрал дека тие всушност цело време играле преферанс. Ги криеле адутите од него, па на крајот се почувствувал измамен и со нож во грбот, удрен од своите најблиски. Пред него, победникот на изборите Љупчо Георгиевски, кој требаше да ја формира првата македонска влада и да биде првиот премиер избран на избори, не успеа бидејќи не можеше да оформи мнозинство во парламентот. Ни на крај памет не му беше да прави коалиција со албанска партија, поради предизборниот антиалбански амбиент што го произведе. Коалицијата со албанската партија ќе беше разбрана како големо предавство на националната кауза. Подоцна Георгиевски призна дека тоа му била голема грешка што не стана прв премиер на независна Македонија.
И по недовербата на Никола Кљусев, ВМРО ДПМНЕ и Георгиевски не формираа влада. Шанса доби и Петар Гошев, на кој му беше даден мандатот да биде прв македонски премиер, не на експертска, туку на политичка влада, што и му приличеше поради својата активност во остварувањето на независноста на Македонија. Кога ги почна консултациите за состав на повеќепартиската влада, се соочи со сериозни ограничувања самиот да избира свој тим и министри и со замешателства на партиите во составот на владата. Формирањето на компромисни коалициски влади беше непознаница во кревката демократија на Македонија. Гошев судрен со овие тешкотии и притисоци ја одби историската понуда со зборовите дека не е за една употреба. Кога замина и од паријата, а подоцна и од политиката, и тој имаше чувство дека каменот одблизу доаѓа, да не речам дека му зариле нож во грбот. Тоа што не го прифати Гошев, го прифати Бранко Црвенковски божем за една употреба, ама остана во врвот за повеќе употреби, цела една деценија, и како премиер во повеќе наврати, и како претседател на државата. Тој никогаш не кажа јавно дали има чувство дека неговите му удриле нож во грбот, но поради целосното дистанцирање од политиката и од својата партија и поради молкот, не би ме изненадило и тој да ги чувствува бодежите во грбот.
Љупчо Георгиевски изврши силен притисок во врвот на партијата ВМРО ДПМНЕ негов наследник да биде Никола Груевски игнорирајќи повеќе партиски перјаници. Откако успеа во своите намери, беше избран за почесен претседател, чинам доживотно. Многу бргу беше анатемисан небаре е најголемо зло на партијата и му беше одземено не само почесното претседателство, туку грубо се фалсификуваше непобитниот историски факт дека е тој основач на ВМРО ДПМНЕ. Георгиевски не кажа колку ножеви има во грбот, ама стана еден од најжестоките критичари на Никола Груевски и неговите лажни соништа.
Денеска Никола Груевски е почесен претседател со повеќе ножиња во грбот. Што мислите, дали историјата ќе се повтори, па и универзитетскиот професор Христијан Мицкоски ќе стане лидер со тоа што ќе ги разоткрие лажните соништа и ќе го ослободи ВМРО-ДПМНЕ од митовите и историските наслаги, од вечната потрага по предавници, кодоши и непријатели и ќе работи според европските стандарди на консензуални решенија при европеизацијата на Македонија? Или и тоа ќе биде уште една голема фарса бидејќи трансформацијата на ВМРО ДПМНЕ во современа демократска европска партија е невозможна работа. Таа се одржуваше со митот, со крадење, со рекет и страв.
Што е тоа што сите македонски политичари на заминување од политиката или од функцијата имаат чувство дека им е зариен нож во грбот. Не е во прашање само вкоренетоста длабоко во свеста на балканските политичари за предавствата и заверите на големите сили, туку се работи за непрепознавање на времето кога е доста и кога треба да се замине, што е една од многу важните работи во политиката. Македонските политичари, освен ретки исклучоци, не заминуваат кога се на врвот, туку кога ќе паднат.