Писмата на Грета Гарбо на продажба
САД- Колекција од писма на американската актерка со шведско потекло Грета Гарбо, која наскоро ќе се најде на аукција, откриваат колку оваа најенигматична ѕвезда на Холивуд била осамена. Колекцијата од 36 писма, напишани помеѓу 1930 и 1940 година ја прикажуваат Гарбо како “осамена и изолирана жена”, пренесува BBC. Гарбо, и покрај огромната слава, била дистанцирана од медиумите, а нејзиниот живот останал голема мистерија. Писмата ќе се најдат на аукција на 12-ти декември од страна на лондонската аукциска куќа „Сотбис”.
Во писмата кои Грета им ги пишувала на своите блиски пријатели во Шведска, таа ја опишувала својата депресија, посакувајќи да го замени животот на Беверли Хилс со шведската природа.
“Последните неколку дена се сиви, а тоа ме тера да размислувам на Тистад. За летата таму кога врне дожд и кога нè обзема таа чудесна меланхолија”, напишала Гарбо во едно од писмата.
Таа напишала дека во Холивуд е речиси секогаш осамена и дека често знае да разговара сама со себе.
“Се возам по брегот и шетам и тоа е секогаш чудесно. Но, тоа е тоа”, напишала Гарбо во писмото за шведската грофица Марта Вахтмајстер во 1939 година.
Грета Гарбо снимила 28 филмови и била позната како “божество”, но и како мистериозна жена – таа одбивала да дава интервјуа, автограми, одбивала да се појавува на премиери и да одговара на писма од обожаватели. По пензионирањето во нејзините 30-ти години, Гарбо се преселила во Њујорк и живеела сама во апартман на Менхетен. Никогаш не се омажила, ниту имала деца.