Парламент без имунитет


Иако барем половина од пратениците од овој собраниски состав се релативно непознати за пошироката јавност, тој ќе остане запаметен по неколку крупни одлуки што ги донесе за помалку од една година, како уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор, но и по неколку преседани и „рекорди“ што ги постави. Во историјата на македонскиот парламентаризам не се памети собраниски состав со толкав број осомничени, обвинети и амнестирани членови, па дури и има еден правосилно осуден пратеник – поранешниот премиер Никола Груевски. Против него во отсуство се водат уште неколку постапки за случаи на СЈО, а од средата е и под истрага на Обвинителството за организиран криминал, како еден од петтемина осомничени за организирање на насилствата на 27 април.
Од обвинителството и од судот доаѓаат различни информации за тоа дали е побаран притвор за Груевски за новата истрага што е отворена за 27 април и дали парламентот ќе треба повторно да носи одлука за одземање на неговиот имунитет, како што одлучуваше за неколку барања на судот откако поранешниот премиер избега во Будимпешта. Сепак, тоа е ирелевантно, со оглед на тоа што за него веќе се одредени три или четири мерки триесетдневен притвор, што би стапиле во сила по евентуално враќање во земјава. Затоа, пак, овој пратенички состав ќе има уште една „премиера“,односно првпат ќе одлучува за одземање имунитет на поранешен претседател на Собранието, на Трајко Вељаноски. Тој е еден од најдолговечните досега на оваа функција, кој од 2008 до 2016 година ја извршуваше во три наврати. Седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања е закажана за денеска и на нејзин дневен ред е барањето на Кривичниот суд за определување триесетдневен притвор за Вељаноски. Ова барање, во текот на вчерашниот ден, шеташе на релација судска палата – Собрание, поради тоа што првично беше наведен погрешен член од законот врз основа на кој се бараше симнување на имунитетот на поранешниот спикер.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека отворањето на новата истрага за 27 април е монтиран политички процес, во кој се кршат закони, покренуваат истраги и се одзема имунитет на пратеници. Координаторот Никола Мицевски посочи дека за само неколку месеци во овој парламент биле спроведени седум постапки за одземање имунитет на пратеници, не сметајќи го барањето за Вељаноски.
– Сите пратеници се од опозицијата. Ова не може да се сфати никако поинаку освен како политичка пресметка. Се обвинуваат пратеници за измислени дела, за тешко дело тероризам кое во реалноста не постои. И ова се прави во пресрет на претседателски избори, и тука е јасна намерата – рече Мицевски.
Од пратеничката група на СДСМ одговорија дека мора да има одговорност за настаните на 27 април, во транспарентна судска постапка.
– Ние како Собрание сме должни да расправаме и да одлучуваме за барањата на судот. Граѓаните се еднакви пред законот и во интерес на сите е да се овозможат услови во јавна и транспарентна постапка, за да се проверат сите сомнежи. Времето на мешање во судските процеси и во работата на обвинителството заврши -изјави Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Мицевски, всушност, посочува на последните случаи со одземањето на имунитетот на Груевски за неколку предмети и на постапката за поранешниот министер за земјоделство Љупчо Димовски од СПМ. За него, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања уште пред неколку седмици даде препорака за одземање на имунитетот, но спикерот Талат Џафери сè уште нема закажано продолжение на пленарната седница од каде што треба да произлезе конечна одлука. За одземање на имунитет на пратеник се потребни минимум 61 глас.
Комисијата за деловнички прашања, всушност, како никогаш досега, има полни раце работа во овој собраниски состав. Иако уште кон крајот на 2016 година, по изборите, добар дел од парламентарците на ВМРО-ДПМНЕ влегоа во Собранието како осомничени или обвинети, главно во предмети на СЈО, заседанијата на ова собраниско тело, всушност, зачестија од крајот на 2017 година, кога беше отворена истрагата за настаните на 27 април. Тогаш во еден ден им беше одземен мандатот на дури шестмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ – Жаклина Пешевска, која беше единствена против која подоцна не беше подигнато обвинение, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски. Овие петмина кон крајот на минатата година беа амнестирани согласно со законот кој предвидува ослободување од кривична одговорност на оние кои не биле организатори или директни учесници во насилствата на 27 април. Сега дојдоа на ред организаторите на сценариото за оневозможување на изборот на новиот претседател на парламентот Џафери – процес што се одложуваше цели четири месеци, паралелно со опструкциите за избор на владата на СДСМ и на ДУИ.
Според проценките на ВМРО-ДПМНЕ, веќе една четвртина од членовите на пратеничката група на партијата, која е сега сведена на помалку од 40 пратеници, се под некоја истрага. Од парламентарното мнозинство, пак, коментираат дека ваквите „математики“ не се изненадување ако се има предвид дека овој парламентарен состав беше избран на избори кои претставуваа епилог на длабоката политичка криза што ја предизвика аферата со прислушувањето која, пак, исфрли на површина многу корупциски случаи за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Освен тоа, овој парламентарен состав имаше крвав старт – на 27 април – настан во кој се испостави дека, покрај дел од сега опозициските пратеници, биле вклучени и високи функционери во претходната извршна власт во земјава.
Александра М. Митевска