Сега Шекеринска му става „вето“ на Иванов


Идниот воен претставник на земјава во НАТО во Брисел, како и военото аташе во Париз, веројатно, ќе ги постави новиот шеф на државата и врховен командант по изборите што завршуваат во мај. Дотогаш овие две места ќе бидат празни, како што беа и во изминатите месеци, сè додека претседателот во заминување Ѓорге Иванов по распишувањето на изборите не реши да ги потпише указите и да ги пополни испразнетите позиции. Сепак, наследникот на Иванов и министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе го имаат одлучувачкиот збор дали во Брисел и во Париз ќе заминат поранешниот аѓутант на Иванов – бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски и полковник Марио Јуришиќ.
Во екот на предизборието Иванов кој, веројатно, веќе ги пакува куферите за заминување од претседателската резиденција, се најде на „тапет“ во Антикорупциската комисија. Како што до скоро беше обвинуван дека го прекршува Уставот, со апсолутното вето за законите за јазици и за ратификација на Преспанскиот договор, сега е „осомничен“ за прекршување на законите за избори и за спречување корупција, кои предвидуваат соодветни ограничувања во однос на кадровските поместувања, социјалните трансфери и располагањето со државни ресурси од денот на распишувањето на изборите до нивното завршување.
Од Министерството за одбрана велат дека вицепремиерката Шекеринска нема да ги потпише решенијата за испраќање на двајцата воени претставници. Антикорупциската комисија, пак, отвори постапка за одлуките на Иванов што беа објавени во „Службен весник“ минатата седмица.
Антикорупциската комисија ќе бара информации од кабинетот на претседателот и од Министерството за одбрана за извршените именувања. Покрај именувањата на Ѓорговски и Јуришиќ, Иванов неодамна потпиша и неколку унапредувања и рокади во рамки на армијата. Така, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски го унапреди во генерал-потполковник, Драган Ковачки стана командант на Првата механизирана пешадиска бригада, а Бесник Емини началник на штаб во Здружената оперативна команда. Упатените велат дека за унапредувањата во чинови во делот на армијата кој не е под капата на Министерството, Шекеринска нема надлежности, но затоа, пак, може да го стопира испраќањето на воени претставници во странство.
Според правилникот на Министерството за одбрана за упатување на лица на должности во меѓународни мисии, министерот за одбрана донесува решение во кое точно се наведува денот на стапување на позицијата и времетраењето на мандатот. Од Министерството за одбрана велат дека во предизборниот период нема да ја продолжат процедурата за упатување на Ѓорговски и Јуришиќ во странство.
– Не случајно МО го достави предлогот за упатување одбранбено аташе во Париз на 30 ноември минатата година, односно доволно време пред да бидат распишани изборите, а во сите контакти со претседателот на државата напоменуваше дека постапката мора да заврши пред 8 февруари годинава, што, за жал, не беше испочитувано – велат од МО. Оттаму посочуваат дека владата и МО во целост ќе ги почитуваат одредбите и принципите што се предвидени со Изборниот законик и Законот за спречување корупција.
Иванов, пак, вчера ја охрабри ДКСК да постапи по случаите, со што, како што се наведува, би се отстраниле појавените шпекулации во јавноста.
Донесените укази на претседателот Иванов се согласно член 18 од Законот за одбрана според кој, како што се наведува во соопштение од претседателскиот кабинет, претседателот на Република Македонија и врховен кандидат на армијата поставува старешини на формациски места генерали, унапредува и разрешува генерали (точка 11) и поставува и отповикува воени претставници на Републиката во странство (точка 12).
– Указите се донесени на предлог на МО и ГШ на армијата, согласно со нивните надлежности, во постапка која траеше неколку месеци,а претставува редовна обврска во делокругот на непреченото функционирање на државата. При донесувањето на шесте укази се испочитувани одредбите од Изборниот законик и од Законот за спречување на корупција – велат од кабинетот на Иванов.
Наспроти тоа, од МО тврдат дека само дел од решенијата што ги потпиша Иванов се усогласени со министерката Шекеринска. Единствено, се знае дека бил усогласен предлогот за заминување на Јуришиќ како аташе во Париз, што се случило пред повеќе од три месеци.
Одлуките за спорните именувања и унапредувања беа објавени во „Службен весник“ на 26 февруари и на сите стоеше старото име на државата – Република Македонија. Освен тоа, на сите одлуки е запишано дека треба да бидат извршени веднаш. Во овој случај, именувањето на Ѓоргоски за воен претставник на Македонија е проблематично и од аспект на политиките на Иванов за опструкција на Преспанскиот договор, а со тоа индиректно и за потпишувањето на Протоколот за членство на земјава во НАТО, за кој веќе тече процесот на ратификација во парламентите на земјите членки.
Ѓорговски, поранешен портпарол на ГШ на АРМ, беше човек од најблиското опкружување на Иванов сè до парламентарните избори во 2016 година, кога, десетина дена пред гласањето беше прераспределен од аѓутант на врховниот командант во командант на Првата механизирана пешадиска бригада. Во тој бран предизборни поместувања во АРМ и сегашниот началник на ГШ на АРМ, Ѓурчиновски, кој сега е унапреден во генерал-потполковник, Иванов го испрати за воен претставник на Македонија во НАТО – позицијата за која е сега именуван Ѓорговски. Во периодот кога Ѓурчиновски беше испратен во Брисел, пред да се врати оттаму за да стане началник на ГШ на АРМ, Македонија долго време немаше воен претставник во НАТО. Александра М. Митевска