Отплатата на општинските долгови, развојна или дискриминаторска мерка


Владата смета дека со плаќањето на долговите на општините ќе им помогне да излезат од долгогодишниот проблем кој им го оневозможуваше развојот, а експертите критикуваат – вакво покривање долгови на неодговорни градоначалници, без повикување на одговорност, е класичен морален хазард.

„Ваков инструмент води кон натамошно еродирање на правната држава. Со ваква мерка се праќа сигнал дека незаконските дејства, неодговорното работење и немањето отчетност се исплаќа. Економските субјекти се изложуваат на нефер и дискриминаторска положба во однос на државата. Се креираат пазарни девијации на пазарот на капитал“, ја коментира мерката д-р Марјан Николов од Центарот за економски анализи.

Владата во ребалансот на Буџетот одвои 3,02 милијарди денари за финансиската поддршка за општините и единките корисници основани од нив, со кој ќе бидат платени нешто повеќе од половина од пријавените неплатени обврски за сите општини. Парите се наменски и неповратни, а целта, како што објасни министерот за финансии Драган Тевдовски, е да се зајакне фискалниот капацитет на општините, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството.

„Ваков инструмент води кон одржување на заробеноста на државата, појава што веќе беше детектирана од страна на Европската комисија. Со ваков инструмент неодговорни партиски кадри во улога на градоначалници, работејќи неодговорно, неотчетно и надвор од законските овластувања, ги заробуваат и ги блокираат институциите до степен кога тие не можат да ја вршат својата функција со што дополнително се праќа порака за неказнивост на партиски кадри“, укажува Николов.

Општините имаат пријавени неплатени обврски во висина од околу 5,5 милијарди денари. Општини рекордери по долг се Охрид со 495 милиони денари, Тетово со 468 милиони денари, Куманово со 118 милиони денари, а од скопските општини најмногу должи Карпош – 248 милиони денари.

Николов објаснува дека со ваков начин на раздолжување се оди кон синдикализирање на трошоците од неодговорно работење на избрани и именувани функционери. Кога се синдикализира трошокот од неосигурени ризици се креира неодговорност или морален хазард. Со тоа што функционерите знаат дека ќе поминат без соодветна казна за неодговорно работење со даночните средства на граѓаните се креира ситуација на отсуство на секаква грижа за управување со ризиците соодветно на можностите и ресурсите на општините од страна на неодговорните градоначалници.

Со новото решение за општините, кое помина на последната владина седница, за да се спречи натамошното влегување во долгови, предвидено е општините сопствените приходи да може да ги планираат најмногу до 10 проценти од просечните приходи во изминатите три години. Доколку буџетот на општината не е изготвен согласно овие измени, нема да биде прифатен. Дополнително општините ќе мора јавно да ги објават податоците за тоа како ги трошат парите на граѓаните.

(А.С.)