Откако заглави кај шефот на државата: Ќе се применува ли Законот за јазиците без указ?


Откако се појавија навестувања дека ако има политичка волја Владата може да го спроведе новиот Закон за употреба на јазиците и без потпишан указ, дел од правните експерти за „Независен“ излегоа со негативен став околу ваквата можност. Дури и да има политичка волја кај Владата, без да стапи во сила Законот, не може да има вработување на нов кадар што би ја спровел неговата имплементација, сметаат универзитетските професори Темелко Ристевски и Беким Кадриу. Темелко Ристевски во разговор за „Независен“ изјави дека целосната имплементација на овој закон подразбира дека указот мора да биде потпишан и тој да стапи во сила.

„За да има целосна имплементација на Законот за употреба на јазиците, тој треба да биде потпишан од страна на претседателот на државата и претседателот на Собранието и потоа да се објави во ‘Службен весник’. Сега има многу одредби што практично на одреден начин овозможуваат Албанците да го употребуваат албанскиот јазик кои се содржани во другите закони, како Законот за општата управна постапка со кој странката, сведокот или кој било учесник во постапката, ако не го знае македонскиот јазик, може да го употребува својот мајчин јазик, во конкретниот случај албанскиот. Исто така, Законот за кривична постапка, законите за администрација и Законот за државните службеници досега даваа можност тој што не го знае македонскиот јазик, да го употребува својот мајчин јазик“, вели Темелко Ристевски. Според него, поради фактот што во Собранието има парламентарно мнозинство кое ја рефлектира желбата на мнозинството на граѓаните, указот за овој закон во овој случај може да го потпише и спикерот на Собранието, Талат Џафери, нешто што сепак нема преседан во практиката.

И аналитичарот Беким Кадриу излезе со слично размислување. Како што објаснува тој, постојниот Закон за употреба на јазиците од 2008 година дозволува нови вработувања, ако има потреба од нови кадри во институциите за да се воспостави подобра комуникација со граѓаните Албанци, но со новиот закон, се додека не стапи во сила, не може да има какво било вработување.

„Во Македонија веќе постои закон за употреба на албанскиот јазик, а тоа е законот за јазикот што го зборуваат над 20 отсто од граѓаните, кој беше изгласан во 2008 година и во 2011 година истиот претрпе мали промени. Во однос на овој закон, Албанците имаат право да го употребуваат својот јазик во комуникација со институциите на локално и на централно ниво и во судството. За овој постоен закон од 2008 година има потреба од нови албански кадри, но сѐ друго е нелогично“, тврди Кадриу додавајќи дека без да стапи во сила новиот закон не може да има нови вработувања за агенцијата и за инспекторат, кои треба да се воспостават со него. Дури и службениците што десет години седеа дома и земаа плата, според него, не можат да се прераспределат во институциите што ќе асистираат при комуникацијата со Албанците, според новиот Закон за употреба на јазиците.

Блерим Исмаили