Осврт кон претставата „Јулие Цезар“ на Народен театар Битола: Памфлетот и „спектакуларната“ сегашност


Еден денар потрошен за билет во театар, генерира пет до седум денари за локалната економија. Тоа се парите кои се трошат за купување на материјал за костимите на актерите, за печатење, купувањето на реквизити, пари за штимање и поправка на инструменти и купување на резервни делови…сите занаети, производи и услуги кои се исцрпуваат за претставата да се направи да изгледа како што режисерот ја замислил.

Тука се секако и парите кои граѓаните, покрај купувањето на билет за театар ги трошат за плаќање паркинг и одење во бар/ресторан после претставата.
Што значи на државата и се исплаќа да вложува во културата. Меѓутоа да инвестира во култура која ќе биде квалитетна (висока), па со тоа ќе овозможи делото да живее, а со тоа да можат да го погледнат што поголем број на граѓани кои ќе платат билет за моментот на културно издигнување. За мене никако уметноста не е само финансискиот момент за економијата кој го нагласувам во ова отворање. Културата ја сметам како есенцијална за развојот на едно општество. Цврсто стојам на ставот дека ако државата вложува во културата плански, осмислено и одговорно дека просперитетот и напредокот и се веќе загарантирани.

Да бидам целосно искрена, јас навистина се надевав дека после 1 јуни 2017 година зад нас ќе го оставиме расипничкото однесување кое доведе до тоа Македонија да постане културен шизниленд. Меѓутоа денес, речиси година дена подоцна разочарувањето е толку големо што со секое седнување да напишам краток текст/колумна/рецензија јас завршувам со испишани минимум дваесетина страници. Бодлер во свое дело „Салонот 1846” пишува: „За да биде правична, што значи за да има причини да постои, критиката мора да биде пристрасна, страсна, политична, што значи создавана од некое исклучиво стојалиште, но од стојалиште кое отвора најшироки видици.“

Ова е критика кон поставувањето на претставата „Јулие Цезар (res publica или cosa nostra)“ во НУ Народен театар – Битола.

И тогаш Цезар заплака, затоа што веќе немаше режими за симнување

Ако некој ми кажеше дека токму театарот кој зад себе има пет изданија на интернационалниот „Битола Шекспир Фестивал“, ќе направи печатна грешка кај Шекспир во принтаните материјали кон претставата „Јулије Цезар“, немаше да верувам. Меѓутоа во саботата, на 28 април, токму на премиерата на претставата „Јулије Цезар (res publica или cosa nostra) на корицата на програмата на црвена лепенка со бели букви е напишано името Вилијам Шекспир. Дизајнот на изданието е симпатичен, па оваа лепенка доаѓа и како дизајнерско решение кое го надополнува принтот. Меѓутоа кога сте љубопитни, а претставата доцни десетина минути си дозволувате и вие да бидете креативни, па лепенката ја отстранувате за да ја прелоцирате кај вратот на распукната биста на Цезар која Брут ја држи во крвавите раце.
И всушност тогаш сфаќате дека ќе гледате претстава на Вилијам ШекспРи. Осумдесетина минути подоцна, печатната грешка на програмата е a priori указот за тоа каква е претставата. „Јулије Цезар (res publica или cosa nostra)“ во режија на Златко Паковиќ е првата претстава во новата сезона на Битолски театар, која беше отворена со мотото: Ако ви е добро, тогаш ништо!

Кога на прес-конференцијата за премиерата, Битолски театар излезе со ова ново мото (позајмено од српски Пешчаник) ми стана нејасно кон кого е всушност упатено. Битолскиот театар, заедно со Прилепски важи за еден од најдобрите во државата и тоа е поради синергијата која постои меѓу ансамблот и техничката екипа на театарот, нивната смелост и заедништво во потфатите – претстави кои се играат долго и се наградувани. Ансамблот во 2017 година одиграл 195 претстави, што го прави театарот еден од најактивните. Ако ги земеме последните три месеци со репертоарот ќе изброиме повеќе одиграни претстави отколку МНТ за истиот период. Па така во февруари за 12 денови или од 16-28 февруари се изиграле 10 претстави. Во март театарот изиграл 26 претстави, а во април 16 претстави. Бидејќи во февруари и април репертоарот имаше две премиери, па деновите пред премиера обично не се играа претстави заради интензивните проби и зафатена сцена, значи дека Битолски театар има околу 20 изведби на претстави месечно.

Според тоа што претставите се играат и тоа во преполно гледалиште, значи дека сепак мотото не и се обраќа на публиката. Следуваше размислување за режисерите. Битолски театар никогаш не се плашел како што велат и самите „да влезе во костец“ со најголемите театарски имиња од регионот и пошироко. Тогаш што ова позајмено мото треба да значи и кому е истото упатено? Данскиот филозоф Сорен Киркегор вели „ Животот мора да се живее нанапред, но за да се разбере треба да се гледа наназад“. Па така враќајќи се наназад, најпрво стигнуваме до објавата на одобрени проекти од Министерството за Култура на Битолски театар за оваа година каде се избрани за режисери: Златко Паковиќ кој и ја отвори новата сезона, Владимир Милчин, Кокан Младеновиќ и Итаи Дорон.
Милчин, инаку еден од гостите на премиерата на Паковиќ ќе ја работи „Змеј“ од Евгениј Шварц. Истата претстава Нела Витошевиќ ќе ја постави во МНТ. Кога во програмата на Министерството од 2017 година, претставата „Сон на летната ноќ“ беше одобрена за поставување во три театари (МНТ, Театар Комедија и Битолски театар) во јавноста се појави револт за одлуката. Оваа година ново-вработената режисерка во МНТ, Нела Витошевиќ ќе режира исти претстави со двајца режисери. Па така покрај поклопувањето со Милчин („Змеј“ од Евгениј Шварц која ќе ја поставува во МНТ), Витошевиќ ќе го постави „Галеб“ од Чехов во Прилепски театар, додека Николиќ ќе го поставува истото дело во МНТ.

Ако ни е добро, тогаш ништо?

Резултатите од годишната програма беа објавени на 18 февруари (месец дена подоцна од праксата да се објавуваат во јануари – месец со кој започнува годината). Но, покрај Сашо Тасевски, ВД директорот на Драмски театар кој на 22 декември во интервју за Факултети.мк, апла ги најави петте претстави кои со поддршка на Министерството за Култура ќе се најдат на репертоарот за 2018 година, шест денови претходно, на 16 декември, преку својата колумна токму Паковиќ „суптилно“ најави поставување на „Јулије Цезар“. Всушност неговата колумната за Danas.rs е од збор до збор пишаната режисерска реч кон претставата (овојпат секако преведена на македонски).

Така од премиерата во април 2018, стигнавме до декември 2017 година кога делото „Јулије Цезар“ е аплицирано од Паковиќ за поддршка од годишната програма за Култура на Македонија. Во 2016, претставата „Филозофија на паланката – Божиќен ораториум за Радомир Константиновиќ“ во режија на Златко Паковиќ гостуваше на фестивалот АКТО. Уметничкиот директорот на Фестивалот АКТО – Филип Јовановски, го поканил за учество на фестивалот и со претставата и како говорник во јавната дискусија „Уметност за промени“. Денес токму Јовановски е сценограф и автор на плакатот за претставата „Јулије Цезар“.
Последниот датум кога пристигнуваме до крајот е всушност петтиот ден од кампот пред Влада, после големиот марш на 17 мај 2015. Паковиќ е првиот гостин од странство кој имаше прилика да се обрати пред граѓаните/камперите. Во своето излагање на дебатата посветена на важноста на културата во градењето на здраво општество Паковиќ посочува: „…не е страшно кога некој ве лаже, па и кога вложува во лагата толку многу имагинација. Ужасно и страшно е кога така глупаво ве лажат.“
После три години од мајското гостување, овој април на конференцијата по повод претставата, Паковиќ ја дава следната изјава : „Мислам дека „Јулие Цезар“ од Вилијам Шекспир е најважното драмско дело кое денес е пред Македонија и кое е најприлагодливо за состојбата во земјата. Зошто? Затоа што дојде до смена на режимот. Смена на режимот на Никола Груевски што јас го идентификувам како Cosa Nostra.“
Cosa nostra или во превод „наша работа“ е синоним за сицилијанската мафија.

Како се вика бумеранг што не се враќа? -Стап

Како се вика распределбата на буџетот за култура? -Cosa culturale nostra

Кога Алан Мур, инаку попознат како автор на графичката новелa – V for Vendetta пишува:

„Не постои коинциденција. Постои само илузија на коинциденција“…тука веќе почнувам да го разбирам позајменото мото. Тоа всушност како коментар на cosa nostra стратегијата на културата вели: Ако театарот ви е ништо, тогаш (ова е) добро.

На кој начин Паковиќ го чита ШескпРи во Битола? На која реалност кореспондира убиството на Цезар и кој е Цезар во Македонија најпрво? Нели се Цезари младите кои имаа сонови да живеат во слободна држава, а денес се иселени илјадници километри надвор од дома? Младите кои сакаа да творат тука, но нивните програми/идеи/проекти не беа поддржани? Младите кои сметаат дека треба да се воведат нови должнички книги и да се укинат старите долгови. Да се укине секој кредит земен за купување на леб и млеко.

Во Карпош 3 кај поликлиника „Букурешт“ осамна билборд на кој се рекламира подигнување на кредит за породување! Еј млади вие сте Цезар, вели?! Цезар кој сонува за враќање на моќта кај граѓаните и бидување императори над својата иднина, колку што оваа република е денес република. Всушност точно е. Ете ја во претставата младата актерка Грибовска која како девица бидува жртвувана уште во првата сцена. Ај чао – и на тебе, мила снао.

Режисерското кредо на Златко Паковиќ во оваа претстава беше ни помалку ни повеќе туку снаодлив колаж од претходни сценски решенија. Проектирањето на текстот кое беше употребено во „Филозофија на паланката“, овојпат беше употребено за проектирање на имињата на сцените и текстот од песните на претставата. Всушност и самиот Јовановски- сценографот на претставата се снашол со сценографијата сеќавајќи се на своите гипс- бисти од изложбата „Спартакистите или моќта на љубовта“.

Овојпат наместо сместени на под и потпрени на палети, тие се качени на високи пулт масички. Сцената е отворена и низ текот на претставата се гледа и задсценскиот простор. На двете страни од сцената се поставени столици на кои актерите го чекаат својот ред на појавување во нова сцена. Ова сценско решение ме потсетува на претставата „Biblija prvi pokusaj“ на словенечкиот режисер Јернеј Лоренци. Во неговата претстава постојат само столиците на кои глумците седат и чекаат, а тука на средина ги имаме единствено дополнително бистите поставени на пулт масички.

Актерката Соња Михајлова е храбар избор за ликот на Цезар. Таа со своето држење и трансформација е уверлив Цезар, меѓутоа кога останува на невербалната глума. Всушност и зборувањето на најголем дел од глумците е толку убрзано, што повеќе личи на прелетување на текстот.

Актерите Ѓаковски, Пројчевски и Мирчевски како Брут, Касие и Каска ликовите ги играат со нервоза која како да е производ од кршење на штотуку купен телефон или гол кој го ставил противничкиот тим на решавачката утакмица на уплатено ливче; наместо како свесни саможртви за слободата на Републиката.

Петар Горко го претстави Цицерон како бирократ, но не и како оратор, кој важи за еден од најдобрите говорници на сите времиња. Единствено актерот Иван Јерчиќ во улогата на Марко Антоние се сети да зема воздух измеѓу зборовите. Со тоа ја потенцираше важноста на репликите во кои преку своето мајсторско говорништво, Антоние ја наведува толпата на побуна против заговорниците на Цезаровото убиство.

Во таа сцена, правда за Цезар останува да побараат актерките (“Во најголемиот дел од историјата, Анонимниот беше жена”- В.Вулф). Тие најпрво ја оплакуваат загубата на големиот Цезар, а потоа се втурнуваат во поход, правејќи го првото убиство кога наместо заговорникот Цина, го убиваат поетот Цина.

Покрај останатите елементи видени претходно, морам да го споменам и употребувањето на фантомки и тренерки. До минатата година, публиката можеби и доживуваше катарза на такви елементи во претставите.

Но денес, публиката е отрпната затоа што криминалците се помилуваат со таква леснотија, па публиката не се плаши од маски туку од оние кои без маски не лажат и не крадат гледајќи не в лице.

Ако се поставеше на ваков начин пред неколку години оваа претстава можеби и ќе имаше некакво значење. Алтернативната сцена (која се здружи на државна капа) да се здружеше со ресурсите кои видно ги имала, ќе направеше оваа претстава да биде помалку памфлетска и помалку досадна, а воедно и повеќе критична на „спектакуларната“ сегашност.

А театарот и ова ќе го преживее, исто како што преживувал и досега!

Марија Павлеска