Општините за раздолжувањето: Владата не ни поклонува пари, ни враќа


Општините не сметаат дека Владата им дава поклон со тоа што им покрива 51 процент од долговите, од пари од централниот буџет. Тоа го објасни градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, кој на прес-конференцијата на која министерот за финансии Драган Тевдовски го образложи концептот за намалување на задолженоста на локалната самоуправа, го оквалификува потегот како разбирање на централната власт за проблемите на општините.

„Државата ништо не им поклонува на општините. Централниот буџет го полнат и општините и граѓаните на сите општини. Во Гевгелија има три казина. Ниедна давачка од казината не влегува во основниот буџет на Општина Гевгелија. На прашањето каде завршуваат парите, одговорот е дека завршуваат во централниот буџет. Ние се залагаме за поголем степен на децентрализација, тоа ќе го правиме со Владата за општините да добијат поголеми бенефити“, рече Поцков додавајќи дека уште е во сила старата владина мерка за ослободување на инвеститорите, кои плаќаат комуналии само 5 отсто, ослободување што се прави за да се привлечат инвеститори. Што од друга страна, пак, ги намалува комуналиите како приход на општините.

„Значи, се задира во кесето на општините, за сметка на државната политика на Македонија, која сите ја поздравуваме. Ова го кажувам за да немате впечаток дека Владата нешто им поклонува на општините. И општините имаат свој придонес, се откажуваат од приходи во полза на централната власт, а овој пат и централната власт има разбирање за општините“, укажа Поцков.

Центарот за економски анализи, поврзано со концептот на Владата за раздолжување на локалната самоуправа, излезе со став дека мерката е дискриминаторска кон граѓаните и фирмите и испраќа лоша порака за несанкционирање до градоначалниците. Според ЦЕА, неопходна е сеопфатна анализа, која меѓу другото би утврдила кои општини би можеле да се раздолжат со краткорочни буџетски заеми.

Министерот за финансии Тевдовски рече дека најлесно е ништо да не се прави, ама тоа нема да го реши проблемот.

„Долговите се трупани со години. Никој не водел грижа. Локалните економии во многу места во Македонија се со блокирани сметки. Ние се решивме да им дадеме поддршка за да се реши проблемот. Тоа решение што го предлагаат не решава проблем бидејќи голем дел од општините се веќе презадолжени и по закон не смее повеќе да се задолжуваат“, одговори Тевдовски.

Од денеска во комисиска расправа влегува ребалансот на Буџетот со кој се одвојуваат 3 милијарди денари за исплата на 51 процент од пријавените, а неплатени обврски на општините. Главна причина за натрупувањето на општинските долгови е нереалното проектирање на буџетите, рече Тевдовски, затоа што општините планирале повисоко трошење отколку што имале приходи, односно преземале обврски што потоа не можеле да ги платат.

„Воведуваме механизам со кој ова ќе се спречи. Општините ќе може да ги проектираат сопствените приходи со најмногу 10 проценти раст од просечната реализација во последните три години“, посочи министерот за финансии укажувајќи дека со намалување на задолженоста им се помага на општините, но истовремено се постигнуваат уште две цели – парите ќе завршат кај фирмите со што се дава простор за нови проекти и се поставува механизам за да се спречи повторувањето на проблемот со задолженоста.

Буџетските пари не се награда за општините, туку треба да создадат амбиент сите граѓани, без разлика во која општина живеат, да ги добиваат потребните услуги, објасни министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, и побара надлежните институции да продолжат со неселктивно санкционирање секаде каде што ќе се докаже злоупотреба на функцијата.

Градоначалниците сметаат дека оваа мерка ќе помогне за нивно нормално функционирање. Општина Битола, во моментот на смена на градоначалниците, имала ненамирени, а доспеани обврски кон доверители од 3,3 милиони евра, а основниот буџет изминатите години бил околу 9 милиони евра. Општина Тетово, во април 2013 година, имала 8,5 милиони евра долг, од кој само кон комуналното претпријатие 3,5 милиони евра. Во меѓувреме, Општината го реализирала проектот за водоснабдување во износ од 4,5 милиони евра, а задолженоста останала на ниво од 8 милиони евра. На Општина Гевгелија, со долг од околу 2,5 милиони евра, износот што ќе го добие од Буџетот ќе ѝ помогне со сопствени средства да ги доврши капиталните проекти за пречистителната станица, депонијата и водоводот.

Најзадолжена општина е Охрид, која  пријавила доспеани неплатени обврски во тековната година од 15,7 милиони евра.

Државна ревизија: Општинската задолженост не се решава со краткорочни заеми

Државната ревизија утврдила дека во периодот од 2012 до 2016 година континуирано биле блокирани 7 општини. Најмногу биле блокирани во 2012-17. Во 2016 дури 11 општини имале неплатени обврски над 60 дена во износ повисок од 80 проценти од вкупните минатогодишни приходи. Една општина имала долг кој бил 389 проценти повисок од парите што ги собрала како приход минатата година. Ревизијата направила анализа на капиталните расходи кај општините со блокирани сметки и утврдила дека блокираните општини вложувале во капитални инвестиции меѓу 17,43 и 39,27 проценти од приходите, иако по закон тоа не смееле да го прават. Ревизијата констатира дека тоа е ризично од аспект на зголемување на износот на блокадата на општината, а со тоа и на каматите.

Во периодот 2012-2016 година 19 општини добиле краткорочни заеми од Буџетот на РМ, од кои само 2 општини од редот на финансиски нестабилните. Законот овозможува кога општината има привремен недостиг на пари, да може да користи краткорочна буџетски заем, со обврска за враќање до крајот на фискалната година. Заемот треба да го одобри Владата. Ако не ги врати парите, на општината ѝ се пресметува годишна камата од 2 проценти, до конечна исплата. „Ревизијата не се увери дека со оваа мерка постои можност за надминување на состојбата“, стои во ревизорскиот извештај за „Преземање обврски и финансиска нестабилност кај единиците на локална самоуправа“.

Анита Салтировска