Опозицијата бара функции
Опозицијата да ги предлага државниот јавен обвинител, претседателите на ДИК и на Антикорупциската комисија и да има свои претставници и влијание во други контролни и регулаторни тела, како што се Советот на МРТВ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми… Според партиски извори, ова се дел од барањата со кои ВМРО-ДПМНЕ го условува своето враќање во парламентот и учеството во реформскиот процес.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера во интервју за „Радио слободна Европа“ соопшти дека партијата има политички барања во тековниот процес на разговори со СДСМ, кои очекува да бидат надминати во многу скоро време. За „математичкиот услов“, пак, кој подразбира комплетирање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, по притворите што им беа изречени на шестмина пратеници за настаните на 27 април, оцени дека е речиси исполнет.
„Ние имаме сопствени барања и тој документ ќе биде многу брзо познат и презентиран пред очите на јавноста. Вториот услов е математички, кој, еве, можеме да кажеме дека во најголема мера е исполнет. Во изминатиот период течеа преговори меѓу двете партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, и очекувам деновиве, многу скоро, да биде разрешена енигмата околу политичките барања што ги имаше ВМРО-ДПМНЕ. Паралелно со тие преговори течеа и преговорите околу реформските закони“, вели Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ, според наши информации, предлага во иднина членовите на ваквите контролни тела да се избираат со двотретинско, наместо со апсолутно мнозинство. На таков начин би било неопходно да има договор меѓу мнозинството и опозицијата за пополнување на функционерските позиции, како што беше досега случај единствено со Државната изборна комисија. Наводно, кај мнозинството има расположение за одредени отстапки во оваа насока, иако основната заложба е при реформата на овие институции, за дел од кои веќе се почнати процесите, главно да се оди на професионализација и на поставување конкретни критериуми за конкурирање и за избор на кадрите.
Од ВМРО-ДПМНЕ нема официјална потврда за ваквите наводни барања. Соговорници од раководството на партијата велат дека веќе има договор за ДИК, а дека Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство не се дел од пакетот што произлегува од извештајот на Рајнхард Прибе. Во шесте големи работни групи меѓу ВМРО-ДПМНЕ, според извори од опозицијата, не се поставуваат политички барања надвор од препораките на Прибе и критериумите за ЕУ и НАТО. Од друга страна, договорот за враќање на стариот концепт на ДИК, кога опозицијата го предлагаше претседателот на оваа Комисија, беше објавен по последната тет-а-тет средба во Владата меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Тогаш, враќањето на стариот модел на ДИК беше претставено како преодно решение, додека не се направат посеопфатни измени во Изборниот законик со кој Комисијата би функционирала на административно ниво, така што би се собирала шест месеци пред избори.
Што се однесува до системските закони кои се дел од реформскиот пакет, последните информации се дека има договор за законите за судови и за Судскиот совет, кои се веќе ставени на дневниот ред на пленарната седница денеска. Една од повпечатливите измени во овие закони е таа дека во иднина министерот за правда и претседателот на Врховниот суд нема да имаат право на глас како членови на Судскиот совет. Сепак, овие регулативи сѐ уште се во првата фаза од донесувањето и можни се дополнителни измени и амандмански интервенции, за што е веќе закажана и јавна расправа – на 10 април во собраниската Комисија за политички систем. Комисијата за одбрана и безбедност, пак, на 5 овој месец треба да расправа за Законите за следење на комуникациите и за формирање на новата оперативно-техничка агенција, кои произлегуваат исто така од реформскиот пакет.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера, преку видеообраќање на Фејсбук, апелираше до сите политички фактори во земјава да изградат консензус за законите од планот 3-6-9 пред Европската комисија да го објави извештајот за напредокот на земјава.
„Во наредните десетина дена да изградиме консензус и да ги усвоиме законите кои упатуваат на државен консензус и со тоа да ставиме точка на евроатлантската иднина на земјата. Јас сум убеден дека е тоа желба на нашите граѓани, нашите гласачи, независно од која партија доаѓаат. Со тоа станува и наша обврска“, вели Османи.
Вицепремиерот нагласува дека од извештајот на ЕК очекува чиста препорака за почеток на преговори со ЕУ и дека тој извештај претставува финале на планот 3-6-9, со што завршува неговата имплементација.
Мицкоски најавува интерпелација за Владата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најавува дека опозицијата, откако ќе реши да се врати во парламентот, ќе поднесе барање за гласање доверба на кабинетот на Зоран Заев.
„Доколку ВМРО-ДПМНЕ се врати во Собранието, ќе се врати на голема врата. Доколку одлучи да се врати, прво нешто што ќе направи, ќе поднесе интерпелација за работењето на Владата, каде што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги образложат сите злоупотреби и грешки што оваа владејачко мнозинство во изминатите десет месеци ѝ ги нанесе на нашата татковина, а ќе можеме да видиме како владејачкото мнозинство ќе одговори на тие прозивки“, вели Мицкоски.
Инаку, прашање за доверба на Владата може да постават најмалку 20 пратеници, а за евентуално изгласување недоверба на владиниот кабинет се потребни минимум 61 пратенички глас. Во случај да се изгласа недоверба на Владата, таа е должна да поднесе оставка, во спротивно, во следните 90 дена не може да се покренува повторно прашање за доверба во кабинетот на „Илинденска“. По најавите на Мицкоски за интерпелација, од СДСМ се јавија со барање до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да им се извини на граѓаните за штетите што ВМРО-ДПМНЕ ги нанесе со 11-годишното, како што се оценува, криминално и расипничко владеење.
„ВМРО-ДПМНЕ 11 години ги партизираше и ги злоупотребуваше институциите, криминално и расипнички ги трошеше парите на граѓаните, ја изолира државата и го подели општеството. Мицкоски треба да се извини за таквото владеење на неговата партија, да ја објасни неговата улога во насилствата од 27 април и да престане да се крие зад народот. Народот, граѓаните, ги поразија политиките на поделби, деструкција и блокади и одбраа политики што создаваат едно општество за сите граѓани“, реагираат од СДСМ. Во реакцијата на владејачката партија се посочува дека е во интерес на граѓаните и државата, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ги надминат погубните политики на поделби и блокади и да му дадат поддршка на реформскиот процес што ја движи Македонија напред.
Александра М. Митевска