Опасност од обновениот национализам во Грција


Аугустин Зенакос
На 19 мај толпа луѓе го нападна градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, за време на јавна церемонија за
Денот на геноцидот. Инцидентот започна со извици и навреди: „Оди си, не те сакаме овде!“, „Валкан Евреину!“, „Ти скопјанец, анти-Грк, валкан Турчин, предавник..“, „Треба да бидеш обесен“…
Потоа неколку луѓе, меѓу кои и некои што ги носеа амблемите на здруженијата што ја организираа церемонијата, почнаа да го туркаат градоначалникот. Други почнаа да фрлаат пластични шишиња и разни предмети по него. Неговите придружници се обидоа да го издвојат, но толпата го следеше до неговиот автомобил. Луѓето го удираа по главата. Еден го удри во стомакот. Кога стигна до својот автомобил, еден човек ја удри вратата, а друг проби низ задниот прозорец. Како што автомобилот забрза, луѓето почнаа да ракоплескаат и да навиваат.
Сепак, ова не е прв напад од ваков вид. Во текот на последните години од финансиската криза во Грција имаше неколку инциденти каде што лути толпи вербално или физички напаѓаа политичари или претставници на печатот. Овие напади главно беа насочени кон јавни личности кои се сметаат зa приврзаници на политиките за штедење наметнати од тројката (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд). Некои коментатори од висок профил ги опишаа ваквите напади
како мотивирани од екстремно десничарската идеологија, поврзувајќи ги со Златна зора, озлогласената неонацистичка партија во Грција, чии членови во моментов се судат за убиство и други тешки прекршоци.
Но, веќе не е само Златна зора. Иако членовите на Златна зора покажаа навредливо однесување против политичарите и новинарите, таквото директно поврзување на овие настани со нивното организирано насилство изгледа лажно: нема докази за поддршка или за каква било поврзаност меѓу нападите на обичните луѓе или демонстранти и сериозното насилство од групите на Златна зора.
Би било попрецизно овие спорадични напади на лути толпи да се гледаат во контекст на квазипопулистичкиот „антиелитистички“ бран што се прошири низ грчкиот политички живот во текот на годините на криза, кој беше предизвикан од распадот на социјалните обврзници. Но, и тој никогаш
не направи скок до екстремно десничарската идеологија, а уште помалку до организирана фашистичка акција. Тоа пак го прави нападот на Бутарис исклучително алармантен.
Бутарис е поддржувач на политиките за штедење и на програмата за финансиска помош. Но, тоа не е причината што беше нападнат. Тој беше нападнат бидејќи е либерален, антинационалистички, антирасистички и поддржувач на ЛГБТ-правата. Бутарис силно го промовираше Солун како важен град не само на грчката, туку исто така и на турската и еврејската историја. Тој тврди дека турските туристи треба
да бидат охрабрени да го посетат родното место на Кемал Ататурк. Тој, исто така, го промовираше основањето на Музејот на холокаустот во Солун, во знак на сеќавање на еврејското население во градот што го убија нацистите. Покрај тоа, тој често зборуваше за решение за спорот за името со Република Македонија. И понуди општинско покровителство за годишната Геј парада.
Значи, она што се појавува овде – можеби за прв пат на таков директен начин – е врска меѓу напад врз јавна личност и неприкосновените идеолошки простори на екстремната десница. Ова, се разбира, не се случува во вакуум. Национализмот во Грција се разгори во контекст на обновените преговори со Македонија. Неодамнешните обиди на Владата да се справи со нееднаквостите што ги трпи ЛГБТ-заедницата, исто така, беа дочекани со реакционерно реагирање. Многу поларизираната јавна дебата за овие прашања во голема мера ги замени претходно сеприсутните судири во врска со програмата за штедење, можеби затоа што сега таканаречените „национални прашања“ и „вредности“ се сметаат за област во која може да се спаси чувството на национална гордост.
За жал, владината коалиција и опозицијата ги охрабруваат ваквите перцепции. Панос Каменос, министерот за одбрана, а исто така и лидер на Независни Грци, помалиот владин коалициски партнер, се
спротивстави и проговори против компромис со Македонија, како и на новите закони со кои се признаваат правата на ЛГБТ-заедницата. Мнозинството од неговата партија се согласува со него, а исто така и некои
пратеници од Сириза. Лидерите и претставниците на Нова демократија и главната опозициска партија изразија слични ставови и зборуваат сè повеќе во реакционерен тон, и покрај самопризнаениот либерализам
на нивниот водач, Киријакос Мицотакис. Токсичната клима уште повеќе се влошува со изјавите на истакнати грчки православни свештеници, кои секогаш се фактор во грчкиот политички живот.
Без оглед кои се целите на ваквата политичка тактика, пресметани од оние што систематски разгоруваат реакционерско расположение, можеби оваа историска лекција треба да се запамети: водењето пропаганда врз основа на екстремната десничарска агенда, на национализам и на нетолеранција кон огромен број луѓе незадоволни од кризата и рецесијата е многу лоша идеја.
(Авторот е новинар во Атина)