Одличниот македонски на новиот руски амбасадор


Новиот руски амбасадор во Скопје, Сергеј Баздникин, ја изненади јавноста со одличниот македонски јазик при предавањето на акредитивните писма кај претседателот Ѓорѓе Иванов. Иако имаше помош од хартијата на која му беше напишан говорот, амбасадорот изгледаше како да зборува на мајчин јазик.

Од Амбасадата на Руската Федерација во земјава велат дека Баздникин посетувал часови по македонски јазик пред да стапи на новата функција, а од огромна корист му бил и фактот што веќе го зборува српскиот јазик.

Амбасадорот засега без грешки чита на македонски јазик, а се надева дека за неколку месеци и перфектно ќе зборува македонски. Тој со исклучителна важност се посветил на повикот што го добил од матичната држава да биде нејзин амбасадор во една пријателска земја како Македонија.

Вообичаено, пракса кај сериозните дипломатии е пред да ги испратат амбасадорите и техничкиот персонал на мисија во одредена земја, да им обезбедат часови за учење на јазикот на државата домаќин.

Баздникин е роден е на 30 септември 1967 година. Во 1989 година дипломирал на московскиот Државен институт за меѓународни односи со највисоки оценки. На дипломатска служба е од 1989 година. Од 2001 до 2005 година бил советник во Амбасадата на Русија во Босна и Херцеговина, од 2005 до 2006 година раководел со канцеларијата на Амбасадата на Русија во Приштина, а од 2007 до 2010 година бил раководител на одделение на Департманот за надворешно политичко планирање во МНР на Русија. Од 2010 до 2018 година бил заменик-директор на Департманот за надворешно политичко планирање во МНР на Русија.

Тој го замени Олег Шчербак кому му заврши мандатот во Скопје. (Г.А.)