Обезвреднет референдум
Здравко Савески
Вазалите на власт сè појасно си го покажуваат вистинското лице. Добија задача од нивниот колонијален господар по секоја цена да ја пикнат Македонија во НАТО и тие, по секоја цена, се подготвени да го направат тоа. Нема да дозволат договорот Заев-Ципрас да не помине. Поради трампата што ја направија со колонијалниот господар: тие да постапуваат по неговите напатствија за прашањата од негов интерес (како НАТО), а тој да обезбеди тие да останат на власт долго време и да ја употребуваат и да ја злоупотребуваат власта во сопствена корист.
Распишаа консултативен референдум. За прашање кое е многу важно за голем број граѓани, за прашање за кое многу граѓани би сакале тие да го имаат конечниот збор, распишаа – консултативен референдум. Претворајќи го референдумот во фарса и лишувајќи ги граѓаните од правото да одлучуваат. Зошто, ако навистина имаа намера да го почитуваат гласот на народот, не распишаа задолжителен референдум?
Граѓаните ги прочитаа. Плашејќи се од местење на резултатот од референдумот, многумина веќе имаат одлучено да го бојкотираат. Па вазалите на власт, за да обезбедат договорот Заев-Ципрас по секоја цена да помине, распишаа консултативен референдум. Притоа покажаа значителна доза на дилетантност. Ами, ако е консултативен референдумот, ако финалниот збор го имаат „институциите“, а не граѓаните, тогаш многумина со право ќе се запрашаат: која е поентата да се гласа?
Вазалско-дилетантската власт со распишувањето консултативен референдум ќе предизвика уште помала излезеност на референдумот обесхрабрувајќи ги да излезат на гласање и оние граѓани што ќе излезеа да гласаат, ако референдумот беше задолжителен. Се разбира, ќе се обидат да ги прелажат луѓето тврдејќи дека консултативниот референдум ќе имал иста важност како да е задолжителен и дека ќе го послушале гласот на народот ако искаже став поинаков од владиниот. И веројатно ќе посегнат по груевистичката финта и ќе ги принудуваат вработените во јавниот сектор да излезат да гласаат. Ќе ги впрегнат сите сили за референдумот да не испадне тотален дебакл, да не стане јасно како бел ден дека тие по секоја цена намеруваат да го истераат она што го наумиле – зашто така им кажаа. Но, дали ќе им помине фрлањето прашина во нашите очи?
Пред да го распишат референдумот можеа да се слушнат мислења дека власта може и треба да распише и предвремени избори. Некои тоа го предлагаа како начин за зголемување на излезеноста. Тоа сигурно ќе имаше влијание врз излезеноста, и покрај тоа што ќе беше сосема можно да се гласа на изборите, а да се бојкотира референдумот. Причините зошто власта ја отфрли оваа опција веројатно се две. Прво, зашто во таков случај на сила стапува пржинскиот механизам, според кој сто дена пред парламентарните избори треба да се избере нова, преодна влада за спроведување избори, предводена од нов премиер предложен од партијата со најголем број пратеници во Собранието. А, во тој случај можностите за манипулација со референдумот ќе се намалеа. Второ, зашто властодршците знаат колку граѓани разочараа со своето груевистичко практикување на власта, знаат колкумина се каат што дозволија да бидат прелажани да гласаат за нив на претходните избори. Па, разбирливо, се плашат од резултатот на едни регуларни и фер избори.
А, дека власта имаше морална одговорност да распише предвремени избори заради договорот Заев-Ципрас – имаше. Се разбира, под претпоставка дека даваат пет пари за демократијата. Властодршците од СДСМ дојдоа на власт преку ветување дека ќе ја вратат демократијата, дека злоупотребата на власта за лично богатење ќе престане, дека ќе применат мерки за подобрување на животниот стандард. За тие работи ги добија гласовите. СДСМ во изборната кампања не кажа дека сè ќе стави во втор план и дека НАТО ќе му биде приоритет, дека се подготвени да направат сè што се бара од нив за да ја пикнат Македонија во НАТО. Бидејќи не добија мандат за тоа, кога веќе сметаат дека тоа е исправна позиција, треба да излезат на избори и да побараат мандат од граѓаните за таквата политика. Тоа се вика одговорна власт во една демократска земја. Но, што е демократијата за СДСМ? Само празен збор со кого мавтаат кога друг наместо нив го краде народот.
Да кажеме збор-два и за референдумското прашање. Веќе многумина посочија на манипулациите поврзани со него, па затоа нема многу да се задржам на него. Го обезвреднија референдумот не само со тоа што го направија консултативен, туку и со тросмисленоста на прашањето. За што бараат да гласаме? За договорот Заев-Ципрас? За зачленувањето во НАТО? Или за зачленувањето во ЕУ? Прекршување на Уставот (уште едно во низата) ќе биде ако се сака да се протолкува дека зачленувањето во ЕУ, исто како и зачленувањето во НАТО, не претставува стапување во сојуз или заедница со други држави. А ако е така, за зачленување во ЕУ Уставот на РМ пропишува задолжителен референдум на кој мнозинството од вкупниот број избирачи треба да се произнесат потврдно. Со самото распишување на консултативен референдум, вазалите дилетанти на власт го обезвреднија овој референдум како потребен уставен услов за зачленување во ЕУ. И, повторно, зошто да излегуваме да гласаме? За да го тапкаат Заев по рамо, неговите шефови од странство дека добро си ја заврши работата? И пак да треба да излегуваме на нов, задолжителен референдум за зачленување во ЕУ тогаш кога навистина ќе ни бидат отворени вратите на ЕУ?
Што да кажеме за уцената на граѓаните да излезат на гласање, зашто ако не излегле, „институциите“ ќе ја сметале одлуката за донесена? Демек, во тој случај граѓаните ја пренесувале одлуката на институциите!? Ваквото извртено разбирање на демократијата и на бојкотот како демократско орудие е за секоја осуда. И претставува манипулативен обид да се обезбеди поголема излезеност на референдум. Самите го обезвреднија референдумот со тоа што го направија консултативен. Самите го обезвреднија референдумот со тоа што не оставаат впечаток дека ќе го почитуваат резултатот на референдумот во случај тој да биде негативен. И, како капак на сè, го обезвреднуваат бојкотот како демократско орудие!? Не, бојкотот на референдумот нема да значи согласност одлуката да се пренесе на „институциите“! Ќе значи несогласување на граѓаните не само со договорот Заев-Ципрас, туку и недоверба кон власта во поглед на нејзината волја да спроведе регуларен референдум и осуда на истиот груевистички начин на владеење кој таа го практикува. Бојкотот ќе значи и отпор кон манипулативното владеење и барање СДСМ да ја отвори сопствената изборна програма и да прочита за спроведување на кои мерки го бараше и го доби мандатот.
И за оваа власт демократијата е празен збор. Сегашните вазали на власт не ги интересира да го слушнат гласот на народот. Дури и во врска со прашање кое им е многу важно за многу граѓани уште во корен оневозможија граѓаните да бидат тие што ќе го кажат конечниот збор. Дури откако им стана јасно дека во игра е значителен бојкот на референдумот, кажаа дека ќе го почитувале резултатот од референдумот. Заев дури и кажа дека ќе си поднел оставка ако не успеел референдумот. Кој му поверува дека навистина така ќе постапи? Ако навистина сакаа да ги почитуваат демократските стандарди, ќе распишеа задолжителен референдум и предвремени парламентарни избори. За референдумот и изборите да ги спроведе нова, преодна влада. Па, Заев да мораше да поднесе оставка ако ги изгубеше изборите. А не вака, да глуми демократ, истовремено применувајќи ги сите мерки кои ќе му осигураат алиби да не поднесе оставка.
Во следниот период властодршците ќе бидат сè понервозни и сè повеќе ќе прибегнуваат кон уцени, особено кон вработените во јавниот сектор. До нас е да сфатиме зошто ова се случува, каква е вистинската природа на сегашната власт, да кажеме „не“ на манипулациите и злоупотребувањето на власта и… да се избориме за демократија и владеење во интерес на обичниот човек, а не на елитите.