Новиот Џејмс Бонд ќе се снима во европската културна престолнина Матера


Италија- Новото продолжение на култниот Џејмс Бонд, ќе се снима во Матера, jужна Италија. Градот е под заштита на УНЕСКО и е годинешна европска престолнина на културата, заедно со Пловдив, Бугарија.

Градот кој има 60.000 жители интензивно се подготвува да ја прими екипата од 500-на луѓе за снимањето кое е предвидено кон крајот на јули. Праисториските пештери на Матера биле искористени за снимањето на „Страдањето на Христос“ на Мел Гибсон во 2004, а во античкиот град се снимани и сцени од „Бен Хур“ и од „Чудесна Жена“.

Италија изминативе години често беше користена за снимање на филмови од Бонд франшизата, како што беше случај со „Спектра“ и „Трошка утеха“.

Продуцентот Енцо Систи потврди дека „голема продукција доаѓа во Матера“, но одби да каже дали е тоа новиот Бонд во режија на Кери Фукунага.