Ниту НАТО ќе се тепа со Русија ниту Москва ќе нѐ нападне


Предупредувањата што ги даде рускиот амбасадор дека Македонија ќе стане цел на возвратен напад при наш влез и конфликт на НАТО со Москва се само политички декор без реална основа, вели генералот Благоја Марковски. Според него, нашата Влада немаше потреба да се вмешува во конфликтот меѓу Велика Британија и Русија, но оти ситуацијата е многу порелаксирана од онаа што ја претставува амбасадорот Олег Шчербак и администрацијата на претседателот Владимир Путин.

Мислам дека членките на сојузот и Русија се напаѓаат вербално. Денеска односите меѓу земјите се билатерална, па интернационална работа, а на крајот завршуваат во Обединетите нации. Ако веќе сакате да зборуваме со таков јазик, тогаш при случај на интервенција прво треба да му ја мислат Бугарија и Романија, а потоа и сите други 27 земји членки на НАТО. Нашата цел и идеја за влегување во сојузот е поради обезбедување безбедност и интегритет, а не борбени акции. Доколку си сам, одбранбениот систем чини поскапо отколку кога си со партнери“, вели Марковски.

Премиерот Зоран Заев, исто така, рече дека не постои опасност од нарушување на односите со Русија.

Официјалните ставови на високите личности од Руската Федерација се дека законите мора да се почитуваат. Службите што работат насекаде, тоа се пред сѐ овластени, односно акредитирани дипломатски претставници, наши Руси овде и насекаде во светот, мора да ги почитуваат виенските конвенции, односно она што значи обврски што самите земји ги прифатиле, а секако и законите на матичните земји“, рече Заев.

Претседателот на Владата ја потврди информацијата дадена од министерот за надворешни работи Никола Димитров во врска со протерувањето руски дипломат поради, како што рече, постоење сериозни сомнежи, односно докази поткрепени со документација и во согласност со дипломатските процедури и оти во случајов е постапено согласно Виенската конвенција и домашните закони.

Претходно преку МНР го контактиравме и претседателот Иванов. Тој има свој став, но ние ја заклучивме и таа постапка пред да ја донесеме самата одлука“, рече Заев. Запрашан дали постои опасност од нарушување на односите со Русија, тој рече дека не би требало да се случи тоа.

Рускиот амбасадор во земјава, Олег Шчербак, смета доколку влеземе во „агресивниот политичко-воен сојуз“, ќе станеме база на НАТО, а безбедносната состојба нема воопшто да се подобри.

Доколку станете членка на овој сојуз, а НАТО ја нападне Русија, тогаш Македонија ќе стане цел на возвратен напад. Не се закануваме, туку сакаме како пријатели да ви укажеме кои и какви ќе бидат последиците од евентуален влез во НАТО“, рече Шчербак.

Руското министерство за надворешни работи во саботата рече дека ги известило амбасадорите на 23 земји, кои наредија протерување руски дипломати поради случајот „Скрипал“, а меѓу кои и Македонија, оти ист број нивни дипломати се прогласени за персона нон грата. Во соопштението на министерството се вели дека тие земји протерале руски дипломати поради наводно труење со нервен агенс во Велика Британија на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Земјите кои беа информирани за протерување на дипломати се: Австралија, Албанија, Германија, Данска, Ирска, Шпанија, Италија, Канада, Латвија, Литванија, Македонија, Молдавија, Холандија, Норвешка, Полска, Романија, Украина, Финска, Франција, Хрватска, Чешка, Шведска и Естонија. Во соопштението се вели дека Русија го разгледува протерувањето во помал обем на дипломати од Белгија, Унгарија, Грузија и Црна Гора. Руското министерство не го наведе НАТО, од каде што се протерани седум Руси.

Горан Адамовски