Никој не знае што ќе се случува со Законот за јазици


Додека голем број пратеници од сите партии ги пакуваат куферите за Велика Британија, за да присуствуваат на конференција на престижниот институт „Вилтон парк“, никој во Собранието нема прецизен одговор што ќе се случува со Законот за употреба на јазиците.
Ако се цени според Законот за Собрание, пробиен е рокот во кој Законот, на кој претседателот Ѓорге Иванов стави вето, треба да се разгледува во трето читање. Според членот 38 од Законот за Собрание, ако претседателот одлучи да не потпише указ за прогласување закон, Собранието го разгледува повторно во рок од 30 дена од неговото донесување. Законот за јазици беше донесен на 11 јануари, така што и спикерот Талат Џафери изјави неодамна дека тој би требало да почне да се разгледува до 11 овој месец, односно до вчера.
Во текот на оваа седмица, исто така, не се очекува пленарна седница во парламентот, затоа што и Џафери патува за Лондон, каде што утре почнува конференцијата на „Вилтон парк“, на која се очекува да се расправа за битни пршања за политиките и функционирањето на македонскиот парламент. Парламентарната делегација, која се враќа во земјава следниот викенд, ја сочинуваат триесетина лица, односно повеќемина пратеници, како и вработени во собраниските служби.
Во тој контекст нема објаснување што ќе се случува со Законот, односно дали тој ќе „пропадне“ или ќе се бара заобиколен пат за да продолжи неговото разгледување во трето читање, откако ВМРО-ДПМНЕ достави над 35 илјади амандмани. Како една од можните опции се спомнува тоа дека Законот е веќе ставен на дневен ред на 32.седница, која е почната, така што не е исклучено ова да биде оправдувањето што навреме не стартуваше постапката за негово повторно разгледување.
За СДСМ, а посебно за ДУИ е од клучна важност донесувањето на Законот за јазиците, со оглед на тоа што тој е основата на преткоалицискиот договор меѓу двете сега владејачки партии, а на иницијатива на партиите од албанскиот блок. Но, наспроти првичните заложби на СДСМ законот да оди според сите процедури, Џафери не исклучи како крајна можност да се прескокне амандманската расправа, што, пак, според ВМРО-ДПМНЕ, би значело укинување на парламентот.
По прозивките од ВМРО-ДПМНЕ, вчера преку својот ФБ профил се огласи Артан Груби од ДУИ, кој е моментно на службен пат во Америка и кој како претседател на собраниската Комисија за европски прашања ја менаџираше амандманската процедура за Законот за јазици. Тој , практично, посочува дека станува збор за сличниот закон што ДУИ го договараше претходно со ВМРО-ДПМНЕ, додека двете партии беа дел од владејалката коалиција.
„ВМРО – ДПМНЕ нека се изјасни околу мојата изјава за Законот за јазици што го прифатија целосно минатата година, а не да измислуваат непостоечки работи“, напиша Груби на ФБ.
Пред второто читање на Законот, ВМРО-ДПМНЕ поднесе „само“ осумдесетина амандмани, но тие беа одбиени во отсуство на пратеничката група на опозициската партија. Околу можностите за отстранување на актуелната амандманска блокада на парламентот има неформални координации меѓу пратеничките групи, вклучително со ВМРО-ДПМНЕ, која го бојкотира законодавниот дом но најави дека ќе учествува во расправата за Законот за јазици.
Една од можностите е амандманите да се групираат според нивната сличност и законските членови на кои се однесуваат. На тој начин, според проценките, би се олеснила значително работата, со глед на тоа што дури 33.844 амандмани се однесуваат на членот 22, во кој се регулирани казните за непочитување на Законот за јазици. Во овој член е предвидена глоба во износ од четири илјади до пет илјади евра во денарска противвредност за прекршок на институциите, а глоба од 30 проценти од одмерената казна ќе му се изрече на службено и одговорно лице. Според проценките, амандманите на ВМРО-ДПМНЕ во овој дел предвидуваат различни суми на казните, почнувајќи од едно евро до неколку илјади евра. Исто така, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднеле 318 амандмани на членот пет од законот, кој се однесува на употребата на албанскиот јазик во Владата, додека 222 интервенции се за членот девет, со кој е регулирана употребата на јазиците во судските, управните, извршните постапки.

Александра М. Митевска