Неуспешна дебата за прогресивниот данок


Роберт Несими

1.Дебата без подготовки. По серија започнати и на половина оставени реформи, на ред дојде и едно од главните предизборни ветувања на СДСМ, прогресивниот данок. Како што ветуваше во предизборието, Владата конечно отвори јавна расправа за овој данок, кој треба да го замени досегашниот концепт на рамен данок од 10%. Но изгледа како дебатата да е започната без подготовки бидејќи Владата сѐ уште нема јасен став за кој може да се дебатира. Тоа остава простор на низа дилеми кои требаше да бидат разјаснети пред да се отвори дебата бидејќи вака недостигаат низа дефиниции кои би ни покажале што точно има на ум Владата. Без овие дефиниции, не може ни да има реална дебата.

2.Праг на оданочување. Прагот над кој ќе се пресмета повисок данок е клучниот параметар на прогресивното оданочување. Овој праг дефинира кој ќе подлежи под данокот и кој би бил неговиот ефект. Во предизборната кампања СДСМ зборуваше за оданочување на приходи над 1.000 евра со 18 проценти. Со истиот предлог сега излезе и министерот Драган Тевдовски. Но тој веднаш беше демантиран од вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој смета дека прагот е пренизок, а премиерот Зоран Заев сѐ уште јавно не се изјаснува на која страна влече. Значи, по сѐ изгледа консензус по ова точка нема ни во Владата, па од почеток се губат надежите за некаков поширок политички и јавен консензус.

3.Бруто или нето. И да имаше јасен став за прагот, Владата сѐ уште не потенцира дали зборува за бруто или нето-приходи. Судејќи по изјавите на Тевдовски, кој вели дека тој ќе опфаќа само 2 отсто од вработените во државата, се чини дека се зборува за нето-приходи над илјада евра. Но, од друга страна, Заев вели дека тој ќе опфати околу 74.000 лица, што нѐ тера да размислуваме дека се зборува за бруто-приходи. Па така, јавноста е оставена да нагаѓа што мисли Владата. Ќе беше многу поедноставно ако таа јавно каже кој е прагот и дали се работи за бруто или нето-приходи

4.Годишно или месечно. Еднакво важен е и календарот на оданочување, т.е. дали прогресивниот данок ќе се пресмета на месечна или годишна база. Што ќе се случи, на пример, со лице кое има приходи од 500 евра нето месечно, но во септември има дополнителен хонорар од 1.000 евра. Дали тоа лице ќе плати дополнителен данок во септември или ќе се пресмета годишен биланс со кој ќе се пресметаат и оданочуваат приходите од полната година? Дали ова лице ќе се третира како богат во септември и сиромашен во останатите месеци или ќе се пресмета дека имал просечни приходи од 600 евра и така нема да подлежи на дополнителен данок? Прашање кое можеби не е клучно за Владата, но е исклучително важно за таквите граѓани.

5.Кој го плаќа данокот? Чија ќе биде правната обврска на плаќање данок, на работодавецот или на работникот? Навидум банално прашање кое треба да се реши помеѓу самите субјекти, но кое може да има важни правни реперкусии. Што се случува, на пример, со лице кое зема хонорар од повеќе места, како што се повеќемина ИТ-програмери. Дали контракторот ќе продолжи да им плаќа 10% данок и да ги остави сами да го пресметаат и исплаќаат евентуалниот прогресивен данок или тоа треба да го пресмета и исплати секој контрактор посебно? Токму за овие случаи добро е да се знае административната форма на оданочување и дефиниција на крајната одговорност. Ни за овие прашања Владата се нема изјаснето.

6.Јавен сектор. Прогресивниот данок ќе се плаќа од нечиј џеб, на работодавецот или работникот. Во приватниот сектор веројатно дополнителниот данок ќе биде предмет на нови договорувања, но нејасно е што ќе се случи со вработените во јавниот сектор со високи примања, како министрите, директорите и пратениците. Дали тие ќе го плаќаат данокот од свој џеб или ќе бидат покриени од државата? Знаејќи како функционираат работите кај нас, веројатно и овој данок ќе биде на товар на буџетот. Значи, прогресивниот данок ќе биде дополнително оптоварување за буџетот, што значи дополнителен товар за приватниот сектор кој треба да го полни тој буџет. По сѐ изгледа, тој ќе резултира со пониски примања во приватниот сектор, за функционерите да можат да ги задржат своите бенефиции.

7.Дивиденди, кирии, добивка. За крај, останува нејасно кои други приходи освен платата ќе ги опфати овој данок. Дали во даночната база ќе влегуваат и дивидендите и кириите и дали ќе ги опфати истите и за правните лица или ќе се ограничи на физичките. Што ќе се случи со данокот на добивка на фирмите? Дали Владата има план да воведе прогресивен данок и за нив или ќе нема храброст да се соочи со големите играчи, комерцијалните гиганти со огромни профити.

Листата со овие прашања не е исцрпена. Всушност, таа повеќе служи како листа на дилеми кои требаше да бидат решени уште пред да почне јавната дебата. За жалење е што ова важно економско прашање Владата ја третира несериозно и сѐ уште нема јасен став за елементарните параметри од ова реформа.

(Авторот е аналитичар)