На сеир
Лејла Сабит
Ај на кафе во Македонија значи ај на сеир.
Ќе ти кажам, ќе ми кажеш, ќе ти се пожалам, ќе ми се пожалиш, ќе ти се доверам, ќе ми се довериш, ќе ме изненадиш, ќе те изненадам, ќе те зачудам, ќе ме зачудиш, ќе те насмеам, ќе ме насмееш, ќе те разочарам, ќе ме разочараш…
Таков е сеирот во Македонија.
Меч со две острици.
Ако чујам за тебе, значи наскоро ќе чујам и за себе.
На „рекла казала“ некогаш одмавнувате со рака, а некогаш ве здоболува.
Некогаш ве прозиваат јавно, некогаш ве озборуваат тајно, некогаш е чиста лага, некогаш чиста вистина…
Некогаш е од љубомора, некогаш од завист, некогаш од злоба, некогаш од здодевност, некогаш колку да се рече…
Како и кафето, некој го пие слатко, некој горко, некој со млеко.
Некогаш е здраво, некогаш е штетно, некогаш афродизијак, некогаш антиоксиданс…
Понекогаш за опуштање, понекогаш за гледање од филџан.
„Го пиете“ кога сте расположени, кога сте во депресија…
Сами, во друштво, во метеж, во тишина, со или без цигара, од нога, или седејќи…
Пополека, набрзина, од утро до вечер, на ти, на вие, со манири, без манири…
Сѐ се враќа, сѐ се плаќа, па и сеирот.
Затоа, внимавајте кого викате на сеир, пардон на кафе!