На референдумот не треба да има „грешки во чекори“


Ѓорѓи Спасов

Пред изборите во 2011 година Бранко Црвенковски реши да се ослободи од обвинувањата на Никола Груевски дека „ако СДСМ дојде на власт ќе го промени името“. Со цел тоа прашање Груевски да не го злоупотребува во изборната кампања, за прв пат во изборната програма на СДСМ влезе и ветувањето:  „Поаѓајќи од Уставот на Република Македонија, за прашањата од највисок државен и национален интерес, идната влада на СДСМ активно ќе гради консензус на сите релевантни чинители во државата. Таа реално ќе се ангажира за надминување на наметнатиот спор од страна на Грција, но нема да прифати никаков разговор за идентитетски прашања. За можните решенија остануваме на определбата за референдумско изјаснување на граѓаните“.

Со таа измена во програмата, двете партии добија речиси идентични формулации во однос на решавањето на наметнатиот спор околу името.

Во процесот на постигнувањето договор со Грција околу спорните прашања, сегашната влада, сепак, отиде најдалеку.        Таа се ангажираше и постигна договор за решение на наметнатиот спор од страна на Грција, не прифати разговор за идентитетските прашања и го одбрани името на земјата и на јазикот и сега ѝ останува ветувањето „за можните решенија да им даде можност на граѓаните да се изјаснат на референдум“.

За разлика од многу земји во светот, во кои дури и учеството на избори е должност која ако не се исполни се санкционира, кај нас учеството на избори и на референдум е само право кое може, а и не мора да се искористи. Па ако на една од поголемите партии не ѝ се бендисува, на пример, референдумското прашање, или  неосновано почне да обвинува дека нема услови за фер изјаснување, односно дека постои опасност референдумот да биде фалсификуван, таа може во последен момент да повика на бојкот на референдумот и да се случи поради недоволната излезност (50 отсто од запишаните во избирачкиот список плус еден) референдумот да се прогласи за неуспешен, односно дека во овој случај граѓаните не го одобриле потпишаниот договор со Грција и оттаму тој станува неважечки.

Ова во Македонија веќе се случи во 2004 година, кога ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија бараше граѓаните на референдум да се изјаснат дали го прифаќаат новото територијално разграничување на општините. Истото тоа се случи и на референдумот за заштита на ГТЦ од негово облекување во барок. Во случајот со Општина Центар, иако од 40 илјади запишани избирачи во Општина Центар на референдумот излегоа над 19 илјади, а за заштита на ГТЦ гласаа 17.500 граѓани или 70 отсто од оние што редовно излегуваат на кои било избори за општинската власт, тоа не можеше да ја поништи веќе донесената одлука на владата на Груевски за облекување на ГТЦ во барок.

Тешкотијата во досегнувањето на високиот цензус за успешен референдум произлегува не само од фактот што во избирачкиот список се внесени и над 300 илјади државјани на Македонија кои се одамна иселени од земјата, од кои многу мал процент (околу 3 отсто) учествуваат на избори и ваков вид изјаснувања, туку и од тоа што Македонија нема спроведен попис на населението веќе 20 години и не е познато колку реално гласачи има во моментов во земјата.

Овој факт стана јасен по првите непосредни избори за избор на претседател на државата и затоа со консензус во Собранието беше изменет Законот за избор на претседател на Македонија и беше внесена одредба дека може да биде избран и ако обезбеди во првиот круг 40 отсто плус еден од запишаните во избирачкиот список. Тоа значеше намалување на цензусот за успешен избор на претседател за 180 илјади гласачи. Така беше избиран Иванов.

Зошто е важно ова да се знае?

Сегашниот Закон за референдум, ако не се измени во насока на намалување на потребниот цензус, може да доведе до тоа на пример на прашањето: „Дали сте за договорот со Грција, кој ѝ овозможува на Македонија членство во ЕУ и во НАТО?“ – 900 илјади граѓани да гласаат со „за“, а тоа да не значи дека договорот е прифатен на референдум.

Оние 200 до 250 илјади граѓани, кои од разни причини не би излегле на референдум и кои обично излегуваат на парламентарни избори, со тој чин, преку бојкот, можат да ја негираат апсолутната политичка волја на мнозинството граѓани во Македонија и да тврдат дека Владата мора да го прогласи  за неважечки потпишаниот договор со Грција.

И тоа нема врска со каква била демократија. Тоа е само доказ дека кое било  политичко малцинство со таков референдум може да ја негира волјата на големото мнозинство и да диктира релевантни политички одлуки од судбоносно значење за иднината на земјата од позиција на малцинство.

Оттука, сериозноста на одлуката која треба да биде донесена на референдум наложува да се размисли најмалку за две нешта.

Прво. Итно со измена на Законот за референдум да се сведе цензусот за успешен референдум на ниво на кое е потребно мнозинство за избор на претседател на државата, односно на 40 отсто.

И второ. Референдумското изјаснување на граѓаните да биде во насока дали тие се противат на веќе потпишаниот договор од страна на владата. Во оваа смисла, граѓаните треба да добијат можност на референдум да докажат дека имаат мнозинство кое се противи на веќе потпишаниот договор од страна на парламентарното мнозинство.

Ѓорге Иванов, Христијан Мицкоски, Јанко Бачев и другите нека организираат кампања и нека обезбедат мнозинство кое на референдум ќе каже дека тие не го прифаќаат веќе потпишаниот договор со Грција. Во оваа смисла, референдумското прашање треба да гласи: „Дали сте за поништување на договорот потпишан од македонската влада со Грција?“ Само ако на тоа прашање обезбедат мнозинство на референдум, може да се менува политичката одлука на парламентарното мнозинство и веднаш потоа, ако треба,  да се оди на нови парламентарни избори.

Граѓаните со тоа прашање добиваат можност да се изјаснат на референдум. Опозицијата ќе мора да ги изнесе своите поддржувачи на таков референдум. И само врз основа на такво прашање може да се води реална и конструктивна дебата и кампања.

Владиното мнозинство не треба да биде наивно. И не смее да дозволи, покрај целиот свој оптимизам и целата меѓународна поддршка, политичката волја на огромното мнозинство од граѓаните во Македонија да биде доведена во прашање преку „грешки во чекори“ и лошо толкување на тоа за што треба да се изјаснуваат граѓаните.

(Авторот е универзитетски професор)