На повидок нови изборни правила: Повеќе буџетски пари, помалку донации за партиите


Политичките партии во земјава да се финансираат во најголем дел од државниот буџет за да се избегне нивна зависност од разни центри на бизнис и моќ, а Државната изборна комисија да функционира како административно тело во кое партиите ќе имаат свои претставници без право на глас… Ова, како што дознава „Независен весник“, се дел од новините што ги договараат мнозинството и опозицијата во рамки на работните групи за законите за чие донесување е потребно двотретинско мнозинство или политички консензус, како што е случајот со изборната регулатива.

Според нашите информации, разговорите во работната група за изборните правила и за финансирањето на партиите досега се одвивалe конструктивно, така што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се блиску до усогласување повеќе точки за кои се изнесени забелешки во последните извештаи на ОБСЕ-ОДИХР за изборите во земјава. Наши соговорници велат дека меѓу претставниците од различни партии постои усогласеност околу тоа дека треба да се спроведат сите препораки на набљудувачките мисии. Притоа, голем напредок бил постигнат во однос на финансирањето на партиите. Во тој дел, одредени невладини организации излегле со предлог партиите целосно да се финансираат од државата, но бидејќи компаративните искуства покажале дека нема таков пример во други земји, сега се оди на тоа да се ограничат приходите на што помал износ што една партија може да ги оствари сама и од донации, а за сметка на тоа да се зголемат средствата за редовното годишно финансирање на партиите од буџетот. Распределбата на буџетските пари за партиите би одела според досегашниот принцип, според освоени пратенички места на централно ниво и советнички на ниво на локална самоуправа. Од друга страна, се размислува да се укине надоместокот за избори што сега партиите го добиваат согласно освоените гласови, како и да се намали значително платеното политичко рекламирање во медиумите.

За измената на начинот на финансирање на партиите можеби ќе биде потребно да се интервенира и во законот што ја регулира оваа проблематика, додека за воведување на новите изборни правила, според информациите, во наредните месеци ќе се менува двапати Изборниот законик. Првите корекции треба да се случат наскоро, со цел да се врати претходниот модел на ДИК, така што претседателот ќе биде од редовите на опозицијата, а мнозинство ќе имаат владејачките партии, наспроти пржинскиот концепт според кој во Комисијата имаше тројца експерти, од чии редови се избираат потпретседателот и заменикот. Сега, според информациите, се враќа концептот според кој во ДИК се именуваат само партиски претставници, затоа што новоизбраните членови на ова тело ќе имаат ограничен мандат – до следните измени на Изборниот законик што се очекува да финишираат во септември – доколку до крајот на мај завршат разговорите во работната група, за потоа во текот на летото да се подготват и донесат новите изборни правила и да се избере новата изборна администрација.

Намерата е новиот состав на ДИК, која во иднина би функционирала како административно тело – со вработени од државниот сектор, да почне со работа во септември, за да има време да се подготви теренот за претседателските избори кои се планирани за напролет 2019 година. Така, би останал простор од шест месеци за вклучување на партиски претставници во работата на ДИК, но новина што се договара овој пат е тие да имаат статус на набљудувачи. Партиските претставници, според наши соговорници, би немале право на глас, ама би можеле да предизвикаат некои од одлуките на администрацијата, односно да побараат таа да гласа во случај на несогласување или забележани неправилности.

Отворено е и прашањето за изборниот модел, но во тој дел, според информациите, не е договорено ништо поконкретно, освен што се разгледуваат одредени анализи од невладиниот сектор за тоа каков систем на гласање на парламентарни избори би бил најсоодветен за Македонија. Инаку, засега заложба на СДСМ е да остане пропорционалниот модел, но со една наместо со шест изборни единици, додека ВМРО-ДПМНЕ, според информациите, преферира враќање на мнозинскиот модел, но не инсистира на тоа.

Последните измени во Изборниот законик беа донесени во 2015 година, врз основа на договорот од Пржино. Тогаш беше модифициран составот на ДИК, каде што се воведе и консензуално гласање за прашања што засегаат во етнички теми. Паралелно, се воведе цензус за избор на пратеници од дијаспората и се утврдија неколку методи за прочистување на Избирачкиот список, како и механизми за одделување на партијата од државата. И тогаш се дебатираше за изборниот модел, ама не се постигна договор за промена на начинот на гласање, така што прашањето беше оставено отворено до следниот циклус меѓупартски договарања. Во Пржино беше договорено и парламентарните избори да ги спроведува техничка влада, како системско решение, според кое премиерот ќе треба да отстапи од функцијата сто дена пред избори. Сега, партиите повторно се пред одлука дали ова решение ќе остане и за следните парламентарни избори или ќе се оди на негово укинување.   

Александра М. Митевска