Наједноставна редена пита од јаболка
Состојки:
За мокар дел:
1,5 кг јаболка
1 чаша шеќер
1 кесичка цимет
1 ванилин шеќер
За сув дел:
2 чаши брашно
2 чаши гриз
1 чаша шеќер
1 прашок за печиво
1 ванилин шеќер
Прстофат сол
За премачкување на тавата и колачот:
1 маргарин/путер(150-200 г)
Мерка е чашка јогурт
Дозата е за тава 35 на 20 сантиметри
Приготвување:
Овој колач дефинитивно спаѓа во категоријата наједноставни и најбрзи колачи, еден од најомилените кај антиталентите во кујна.
При подготовка, поделете ги состојките на два дела, суви и мокри. Во сувите ставете го брашното, гризот, шеќерот, ванилиниот шеќер и прашокот за печиво.
За мокриот дел изрендајте ги јаболката, додајте го шеќерот, ванилиниот шеќер, циметот и солта. Измешајте со раце за јаболката поубаво да пуштат сок.
Тавата добро намастете ја, со речиси една третина од пакувањето маргарин или путер. Потоа, во тавчето ставете една третина од сувите состојки, добро протресете за рамномерно да се покрие цела тава. Врз ова ставете половина од мокриот фил. Врз него повторно дел од сувите состојки, половина од останатото. Повторно на ред е преостанатиот мокар фил. Врз него додајте ги сувите состојки.
На крај, ставете од маргаринот, добро да ја прекрие цела површина. Најдобро исечен на ливчиња, или доколку е тврд, може и изрендан.
Се пече 40 мин., на 180 степени. Испечениот колач се поросува со шеќер во прав.