Најдобар ресторан во 2018: „Оскарот“ отиде во Италија


Шпанија– „Остерија Франческана“ во Модена, Италија, е прогласен за најдобар ресторан во светот за 2018 година, на чело со главниот готвач Масимо Ботура, експерименталниот готвач со три ѕвезди Мишелин.

Најдобрите ресторани беа избрани во Билбао, Шпанија, на церемонија што уште се нарекува и Оскари во светот на храната. Со цел да се изберат победници, повеќе од 1.000 сопственици на ресторани, готвачи и критичари гласаа за омилените угостителски објекти.

Ланскиот победник „Илевн Медисон Парк“ во Њујорк сега падна на четврто место, а беше и затворен четири месеци во 2017 година заради реновирање, додека „Ел Селер де кон рока“ од Џирона, Шпанија се најде на второто место како еден од најдобрите светски ресторани, а „Миразур“ во јужна Франција се искачи на трето место.

Листата за 2018 година опфаќа 50 ресторани од 23 држави во светот и на неа за првпат се најдоа девет нови ресторани. Повеќе од половината од објектите на листата на најдобри светски ресторани се наоѓаат во Европа.

„Хиша Франко“, првиот ресторан од Словенија на оваа листа дебитира на 48-мо место, претставувајќи уште еден триумф за Ана Рош која во 2017 година ја доби наградата за најдобра жена готвач.