Наштимано мнозинство, раштиман кворум
Александра М. Митевска
Првите собраниски случувања во новата 2018 година беа добра можност за парламентарното мнозинство да демонстрира дека е навистина стабилно, како што тврдат неговите избраници во извршната власт по сите политички поместувања и престурктуирања што се одиграа во и „околу“ коалицијата кон крајот на минатата година. Наместо тоа, на првиот постпразничен работен ден, во полупразната собраниска сала – наспроти полната новинарска галерија, беше прогласен лов по гласови за важни одлуки. Како што е, на пример, изборот на нови уставни судии или законот за употреба на јазиците – со чие одложување, практично, се пролонгира и имплементацијата на една од основните точки од преткоалицискиот договор меѓу двете водечки владејачки партии – СДСМ и ДУИ.
Но, партиските лидери, веројатно, не се многу загрижени поради ваквиот амбиент во собраниските одаи. Можеби затоа Али Ахмети и натаму инцидентно се појавува на собраниските седници, во ситуација кога мнозинството кубури со кворум, додека премиерот Зоран Заев ги спакува куферите за Италија, каде што ќе собира енергија за крупните предизвици и преговори што претстојат на внатрешен и на надворешно-политички план. Чекајќи Ахмети да дојде од Зајас, а Заев да се врати од зимување, спикерот Талат Џафери, пак, би можел да повежба математика. За да може попрецизно да пресмета колку пратеници ќе дојдат на работа кога ќе закаже седница, односно дали во Скопје ќе бидат тогаш барем 61 пратеник од мнозинството.
Неуспешната потрага по кворум, што се одигруваше во вторникот во собраниската сала, не е најдобра увертира во новата парламентарна сесија, кога ќе треба да се вложат многу напори за донесување на реформските закони што ги предлага Владата. Тие закони треба да ѝ овозможат на земјата покрупен исчекор на патот кон евроатлантските интеграции, по повеќегодишните марширања во место и застранувања во погрешна насока.
Всушност, поентата на тој процес не е само да се создаде подлога за реформи во клучните области, туку и да се прати порака дека, и покрај сите поделби во домашната политичка арена, е возможен консензус во поглед на стратегиските определби на земјата. Наместо тоа, од парламентот е првично испратена порака за лабилно мнозинство, кое зависи од фреквенцијата на отсуства и службени патувања на неговите пратеници. И, тоа во ситуација кога опозицијата е надвор од институциите и не може да асистира ниту во создавањето кворум за спроведување гласање, независно од тоа дали ќе гласа „за“ или „против“ владините предлог-закони.
Од друга страна, продолженото отсуство на опозицијата е сигнал дека се засилува процесот на нејзино фрагментирање и ослабување по изборниот пораз и по смената на кормилото, што моментно се чувствува најмногу токму во пратеничката група на партијата. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ ем учествува во работните групи со другите парламентарни партии за усогласување на реформските закони ем и натаму бојкотира, обвинувајќи дека власта не создава демократски амбиент за нејзино дејствување во Собранието – што и да значи тоа?!
Во ситуација кога опозицијата покажува знаци на непостојаност, еднаш демонстрирајќи конструктивност, а потоа настапувајќи со уценувања, јасно е дека владејачкото мнозинство нема да може да смета на целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ при носењето на реформските закони. Затоа, власта може да се потпре само на дел од пратениците од помалите партии од опозициската коалиција, кои почнаа веќе еден по еден да прогласуваат „независност.“
Сепак, во вторникот, ниту заминувањето на третиот пратеник од јатото на ВМРО-ДПМНЕ не помогна многу за обезбедување кворум во собраниската сала. Поправниот испит е закажан за денеска, кога ќе се види дали парламентот и натаму функционира како раштиман оркестар или мнозинството се наштимало во меѓувреме?!