НАТО ке формира центар за интернет напади
За да одговори на руските закани, НАТО најави формирање на Оперативен центар за сајбер напади, повикувајќи ги земјите членки да учествуваат со свои капацитети. Според генералниот секретар Јенс Столтенберг во секој иден напад сајбер елементот ќе биде исто така дел и тој, според ставот на алијансата, влегува во рамките на Членот 5, клучниот кој предвидува при напад на една земја во одбрана да се вклучат сите сојузници, а под заштита да се најдат на некој начин и земјите партнери.
На таа линија вчера беа и обвинувањата од Велика Британија, Австралија и Нов Зеланд дека руската воена разузнувачка служба ГРУ води глобална кампања со злонамерни сајбер напади кои ја чинат милиони светската економија.
Паралелно на дневен ред на министрите за одбрана беше и новите руски проектили од голем дострел кои НАТО ги обелодени во декември минатата година но досега, и покрај упорните барања, не добива задоволителен одговор од Москва која прзнала дека развива такво оружје. Американската амбасадорка во НАТО, Ки Бејли Хачинсон, дури навести дека во еден момент НАТО ќе треба да ги отстрани проектилите, но потоа се дообјаснуваше дека со таа изјава не сакала да најави превентивни напади кон Русија. Според оценките од НАТО, Русија го прекршува договорот од 1987 година со кој САД и оваа земја договорија забрана на производството и складирањето на проектили, нуклеарни или не, со среден и голем дострел во распон од 500 до 5.000 километри.
„Контрамерката би била да се отстранат тие проектили“, рече Хачинсон додавајќи дека тие проектили можат да ја погодат секоја земја во Европа, САД и Алјаска.
Од Москва пак одговорија дека тие што даваат вакви изјави не ја разбираат големата одговорност и опасноста од ваквата агресивна реторика.
Ова е нов развој на односите меѓу Русија и НАТО кој може да заврши како нова трка во вооружување со најопасното оружје. (С.Ј.)