Мојата генерација „хм“
Анета Димовска
Некако периодов неколку работи ме наведоа да размислувам за мојата генерација. Една се стиховите на Вртев: „Изеди до трошка што небото дало, пополни ги сите резерви на сало, пат во Европа провинциска слава, со см’кнати гаќи и опинок во глава…“ Uber Makedonische, Архангел, 1998 година.
Неодамна еден колега ме потсети на крајот на деведесеттите. Ме потсети на радоста што ја чувствувавме како бруцоши на Економски факултет на УКИМ во 95, 96, 97 година, кога се соочивме со „Економија – воведна анализа“ на Пол Семјуелсон. Во средно учевме за економијата базирана на политичката идеологија на Маркс. На факултет нов пристап, неокензијанизам, неокласична економија, капитализам, откровение, верба дека подобрите времиња ќе дојдат и надеж за просперитетна суверена и независна Република Македонија.
А, растевме и се образувавме во време на инфлација, на пропаднати депозити и штедилници, на затворање фабрики, време на загубари и стечајци, на неисплатени плати, време на шверц на нафта, кафе, цигари, во кое пред бензинска се чекаше со часови… За повеќето од претходното немаше ниту кај Маркс, ниту кај Семјуелсон. Така израсна мојата генерација, во неизвесно окружување и во исчекување дека нешто ќе се промени.
Според теоријата на генерации, социо-историското окружување влијае врз луѓето, а особено влијаат значајни историски настани кои се случуваат во нивната младост. Врз основа на заеднички споделеното искуство се формираат социјални групи на лица од слична возраст чии членови доживеале значаен настан во одреден временски период.
Клучниот историски настан кој во младоста ја дефинираше мојата генерација е независноста на Република Македонија. Така, како моја генерација ќе ја дефинирам социјалната група на лица родени помеѓу 1973 и 1983 година, кои директно не ја донесоа независноста на државата, но кои тогаш во 1991 година беа на возраст да можат да ги разберат понатамошните процеси.
Мојата генерација ќе ја наречам „крајот на генерација XМ“.
Врз основа на демографските истражувања направени во западните култури, по бејби-бум генерацијата следува генерацијата X (родени од 1960-тите до раните 1980-ти). За нејзините припадници карактеристично е што се развиваа во период на менување на општествените вредности (пад на Берлинскиот ѕид и распаѓање на социјализмот) и со намален надзор на возрасните во споредба со претходните генерации, како резултат на зголеменото учество на мајката во работната сила, а и како резултат на зголемените стапки на разводи. Припадниците на оваа генерација се опишани како млитави, цинични, незадоволни, отуѓени и носталгични, со склоност кон индивидуализмот наспроти групата и склоност кон претприемништво.
Следува генерација Y (родени до 2000-тата година) или како што уште ги нарекуваат миленијалци или „Петар Пан генерација“ поради тоа што одложуваат некои од типичните обреди на зрелост, како стапување во брак и вработување. Лицата од оваа генерација се опишуваат како самоуверени, либерални, оптимисти, но и како мрзеливи и нарцисоидни, со уште поизразена индивидуалност, ниска лојалност кон работодавачи, повеќе фокусирани на личните материјални вредности, а помалку насочени кон помагање на заедницата. Миленијалците се толерантни кон различностите и зависни од технолошките уреди и дигитални технологии.
Да се вратиме на мојата генерација „крајот на генерација XM“… Со мојата генерација завршува генерацијата X, онака како што ја опишаа во светот, оттаму „крајот“, а „M“ е за Македонија, македонска, зашто се развиваше во специфични локални услови.
Денес припадниците на мојата генерација се на возраст од 34 до 44 години и согласно податоците на ДЗС претставуваат популација од околу 350.000.
Потребата да се пишува за мојата генерација е за да се поттикне колективното сеќавање на заедничките искуства, но и да се истакне дека оваа група луѓе денес е една од најодговорните за процесите и случувањата во нашата држава, случувања кои утре ќе бидат историја.
Бидејќи израснавме со „идоли на ѕидот“ и верба дека тие ќе донесат подобра иднина, мојата генерација е можеби последната која почитува авторитети и изразува доверба кон лица од претходните генерации. Постоевме за да им веруваме и одработуваме, со чувство дека живееме „мали животи“ и самите често избиравме „да не учествуваме“, туку се баравме во општеството кое другите го менуваа. Мојата генерација е последната која се сеќава на животот без интернет, имавме аналогно детство, а се дигитализиравме како возрасни. Можеби претходното ја прави мојата генерација и последната која има чувство за припадност кон група и во која индивидуализмот не е силно изразен. Мојата генерација е последната која со гордост зборува за своето потекло и предците од истокот, северот и југот, од мијачкиот крај и од Полог, од Азот, од Повардарието и од Егејот и не посакува да биде нешто друго.
Мојата генерација го има здравиот дел од цинизмот на светската генерација X, а во однос на оптимизмот кој некогаш го имаше, денес повеќето можат да се наречат искусни песимисти. Сè на сè, мојата генерација ја ужива удобноста на просечноста, некако пасивно заглавена меѓу неостварените очекувања и неспособна самата да поведе, да граби напред и да доминира.
За мојата генерација одамна заврши младоста со право на наивност, но таа остана наивна, а престана да сонува и да верува. Така, припадниците на мојата генерација денес се родители кои не веруваат дека можат да направат повеќе за своите деца, а ако е така, тие никогаш нема да нè заборават. Ние мора да одработиме за нив, а и за генерацијата YМ која е на прагот да преземе. Барем, да и го зачуваме „М“. Ќе бидат ли подобри од нас?! Не знам, но ние мора да го направиме нашето, за да има каде да продолжат.
Архангел добро нè опишаа: „Дремеж и досада, посилни од дрога бејби, купен мир и тишина, пострашни од војна мејби… Ко да не сум одовде не, јас никому не припаѓам, стојам отстрана и посматрам и во ништо повеќе не верувам. Ѕид од празни зборови меѓу нас и она што е суштина…“ Тоа е чувството, знам… Мора сами да се разбудиме и да се занимаваме со суштината. Генерацијо, ова е наше време!