Москва: Никој да не создава конфликти на Балканот


Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, на заедничка прес-конференција со босанскиот колега Игор Црнадак во Сараево изјави дека никој од надвор не треба да создава конфликтни ситуации на Балканот и да претендира на целосна контрола над регионот.

– Никој од таквите надворешни играчи не треба да претендира дека тој ќе го контролира Балканот, а на другите да им е забранет влезот. Нашата земја тесно и продуктивно соработуваше и со Европска унија и со САД, вклучително и при усогласувањето на Дејтонскиот договор. Не гледам причина зошто оваа соработка сега треба да биде доведена под знак прашалник, посочи Лавров.

Црнадак наведе дека Босна и Херцеговина не планира да го смени ставот и да се приклучи кон санкциите на ЕУ кон Русија.

– Имаме многу добра соработка на меѓународната сцена. Денеска повторно потврдивме дека тоа ќе продолжи, дека нема да го смениме ставот за тое прашања, кои и се важни на Русија, а тоа е прашањето за санкциите, за Косово и за други актуелни прашања, наведе Црнадак.

Тој додаде дека специјалниот однос помеѓу Русија и Република Српска не претставува пречка за развивање на односите помеѓу БиХ и Москва,

Лавров е во работна посета на БиХ, а предвидено е во текот на денот да ја посети Бања Лука, каде ќе има средба со претседателот на РС, Милорад Додик, како и со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.